Рубрика: Роботика
"Чувствување" на објектите од виртуелната реалност
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.07.2019 - 12:30

Виртуелната реалност (ВР) се чини толку реалистична – сè дури не се обидете да посегнете со рацете и да допрете некој објект. Сега истражувачите понудија решение за овој тактилен проблем. Решението доаѓа во вид на лесна ракавица којашто овозможува корисниците вистински да ги почувствуваат предметите од виртуелните средини, без потреба од габаритни уреди што ќе го отежнуваат движењето на раката.

Веќепостоечките ВР ракавици најчесто им овозможуваат на корисниците да ја почувствуваат текстурата на објектот со помош на вибрации. Тие најчесто не нудат можност за корисникот да го почувствува обликот на допрениот објект, а ако постои ваква можност таа се постигнува со употреба на габаритни мотори или компресори за воздух коишто создаваат притисок врз рацете на корисникот. Новото решение. коешто се состои од лесна, нерестриктивна ракавица со отворена дланка се носи и легнува сосема природно на раката, обезбедувајќи повратни информации во реално време во истиот момент кога корисникот ќе допре некој објект во виртуелниот свет.

Ракавицата е направена од парче мек силикон обложено со сензори кои го следат движењаето на раката и актуатори, мали силиконски меурчиња споени со електроди за генерирање на електрична сила, со коишто се обезбедуваат повратни физички информации до прстите на корисникот.

Па така, на пример, при играње на шах во виртуелна средина, секогаш кога корисникот ќе ја допре виртуелната фигура со виртуелната рака, софтверот ја побудува ракавицата да произведе електрична енергија. Под дејство на електричната енергија централниот дел прстофатот на прстите од ракавиците се полни со воздух, создавајќи нежен притисок којшто дава чувство за обликот на објектот. Повеќе детали за начинот на функционирање може да се најдат во Scientific Reports, кадешто е објавен трудот од научниот тимот што ја конструираше ракавицата.

Целиот уред, вклучувајќи ја и батеријата и електричното коло коишто со лента се прикачуваат околу рачниот зглоб на корисникот, тежи едвај околу 160 грама. Истражувачите укажуваат дека ракавицата, којашто засега постои само како прототип, може да се поврзе со најразличен ВР софтвер, па со нејзе корисниците лесно ќе можат да посегнат и да кренат во раце некој предмет во игрите или, пак, да почувствуваат реално чувство при притискањето копчиња или при повлекувањето  рачки и лостови во виртуелната средина.

Клучни зборови: