Во НУУБ “Св. Климент Охридски“ од Битола, во текот на летото не одмораат и не седат со скрстени раце. Напротив! Во текот на летните месеци тие организираат повеќе летни активности наменети за младата популација. Па така, вчера, во рамките на проектот “Тин лето во Библиотека“, се одржа втората работилница за “Видеоигри“.
Работилницата ја водеше Петар Котевски, сопственик на Камај медиа, фирма за изработка на видеоигри и виртуелна реалност, една од регионалните лидери во овој сегмент. Во рамките на работилницата, децата беа запознаени со начинот како се изработува видеоиграта, кои програмски јазици се користат, кои се најпопуларните видеоигри за тинејџерите, а потоа и самите имаа можност да програмираат.
Притоа беше користен програмскиот јазик SCRATCH (scratch.mit.edu) изработен од Институтот за технологија од Масачустес и специјално развиен за користење од страна на деца. Водени чекор по чекор од Петар Котевски, учесниците имаа можност самите да креираат лик од видеоигра, да ги постават неговите основни движења, да ја одредат целта на играта и поените. Интересот и возбудата кај децата беа очигледни од многубројните прашања во текот на целата работилница.
Последниот дел од “Тин лето во Библиотека“, работилницата “Книга – филм за тинејџери“ ќе се одржи на 30.7.2019 (вторник) од 18.00 часот во салата за промоции.
Раководител на проектот е м-р Милка Котевска. НУУБ “Св. Климент Охридски“ има отворена покана за учество на сите заинтересирани. Па, тинејџери и младинци, повелете!