Рубрика: Медицина
Формата на телото кај жените и ризикот од срцев удар
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 02.07.2019 - 10:30

Едно истражување спроведено во САД укажува дека кај жените во постменопауза не е битно само колку вишок тежина имате, туку битен е и начинот на којшто таа вижок тежина се распоредува на телото. Имено, истражувањето покажало дека жените чиешто тело вишокот масти го таложи околу нозете, а помалку околу торзото имаат помал ризик да развијат некоја кардиоваскуларна болест. И не се работи само за распоредот на вишокот тежина. Истражувачите од Колеџот за медицина Алберт Ајнштајн во Њујорк во нивното истражување вклучиле и жени кои имаат нормален индекс на телесна маса, т.н. BMI (body mass index).

Резултатите покажале дека првите 25% жените чиешто тело најголем од дел мастите ги наталожило околу половината, односно со облик на тело што вообичаено се опишува како форма на јаболко, имале речиси двојно зголемен ризик за развој на срцеви проблеми и мозочен удар од првите 25% од жени чиешто тело имало форма налик на круша. Спротивно на тоа, 25% од жените со тело во облик на круша имале 40% понизок ризик од развој на кардиоваскуларни болести споредено со жените чиешто тело има облик на јаболка.

Научникот којшто го предводел истражувањето, Кибин Ки (Qibin Qi), вели дека наодите покажуваат дека освен на контролирањето на вкупната телесна тежина, луѓето можеби ќе треба да обрнат внимание и на местата каде што се таложи телесната маст, дури и оние кои имаат нормален BMI.

Но, како што истакнува Ки, треба да се напомене дека учесници во истражувањето биле жени во постменопауза, кои имаат наталожено релативно повисок процент на масна маса околу појасот и нозете. За да се извлече посигурен заклучок, во следните истражувања треба да бидат вклучени и помлади жени, но и мажи коишто природно имаат релативно низок процент на масни наслаги.

Истражувањето е објавено во European Heart Journal.

Во истражувањата биле вклучени 2683 жени, дел од Иницијативата за здравствена заштита на жените на САД, којашто во периодот помеѓу 1993 и 1998 година регистрирала речиси 162 000 жени во постменопауза и го следела нивното здравје до февруари 2017 година.

Во моментот на приклучување кон истражувањето жените немале срцеви тегоби, но по речиси 18 години, во просек, биле регистрирани 291 случаи на кардиоваскуларни проблеми.

Клучни зборови: