Рубрика: Хемија
Керамика во вселената...
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.06.2019 - 10:15

... или употреба на наноматеријалите за испитување на последиците од продолжената изложеност на космичкото зрачење.

Честичките прикажани на сликата во прилог се нарекуваат "наноцери". Се работи за мали керамички честички коишто го имитираат однесувањето на биолошките ензими. Честичките имаат способност да ги заштитат организмите од штетата што ја предизвикува оксидативниот стрес.

Во еден експеримент спроведен неодамна на Меѓународната вселенска станица од страна на истражувачите од Европската вселенска агенција, наноцерите биле комбинирани со живи човечки клетки и потоа изложени на нулта гравитациски услови во траење од шест дена, за потоа да бидат замрзнати и вратени назад на Земјата со помош на вселенското летало SpaceX Dragon.

Испитувањето на овој материјал се прави со цел да се провери неговата реакција при изложеност на радијација, со што индиректно се утврдуваат потенцијалните опасности за евентуалните долготрајни вселенски патувања.

Наноцерите при нивното комбинирање со клетки би можеле да се употребат како антиоксидантно средство, за обезбедување на потрајна заштита, без потреба од нивна повторна администрација со таблети или со инјекции. Ефектите од оваа заштита имаат потенцијал да траат подолго од било кој фармацевтски додаток, и до неколку недели.

Во еден претходен експеримент спроведен на Меѓународната вселенска станица во 2017 година, честичките останале стабилни и обезбедиле заштита на мускулните клетки. При други истражувања наночестичките биле тестирани за заштита од процесите врзани со стареењето на клетките односно за продолжување на животниот век на мувите и за човечките неврони ин витро.

Клучни зборови: