Рубрика: Астрономија и астронаутика
Законска заштита за локацијата каде слета Аполо 11?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.06.2019 - 16:45

Американците сакаат со закон да го заштитат местото каде во 1969 слета мисијата Аполо 11. Во Предлог-законот, засега наречен “Мал чекор за заштита на човековото наследство во вселената”, се наведува дека локациите на Месечината каде слетаа роботизираните вселенски летала коишто и претходеа на мисијата Аполо 11, како и мисиите со човечки екипаж што уследија по оваа мисија – од Аполо 12 до Аполо 17 (без Аполо 13, се разбира), имаат универзална вредност за целото човештво.

Како што се појаснува овие места претставуваат први археолошки локалитети на коишто се забележува присуството на човекот надвор од неговата матична планета, Земјата. Како такви тие сведочат за првите постигнувања на човештвото во доменот на вселенските патувања и истражувања, содржат артефакти и докази за човечки активности при истражувањата, па остануваат потенцијален извор на културно, историско, археолошко, антрополошко, научно  и инженерско знаење.

Предлог-законот е дел од иницијативата којашто, по негово усвојување, предвидува преземање на понатамошни чекори за заштита на овие локации со дополнителни меѓународни договори.

Инаку американците веќе имаат повеќе закони и подзакони со коишто го регулираат нивното присуство во вселената, овластувањата на НАСА, спроведувањето на истражувања како и употребата на вселенскиот простор.

Предлог-законот беше претставен пред американскиот Сенат кон крајот на минатиот месец.

Клучни зборови:
Местото на слетување на Аполо 11 снимено од месечевиот орбитер LRO

Местото на слетување на Аполо 11 снимено од месечевиот орбитер LRO

Местото на слетување на Аполо 14 снимено од месечевиот орбитер LRO

Местото на слетување на Аполо 14 снимено од месечевиот орбитер LRO

Нил Армстронг на Месечината

Нил Армстронг на Месечината