Рубрика: Телекомуникации
Хуавеи “извиси” и во Јапонија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.06.2019 - 13:00

Јапонската телекомуникациска компанија Ракутен објави дека за нејзината 5Г мрежа ќе користи базни станици од домашниот производител NEC, избегнувајќи го Хуавеи.

Следната недела со очекува Јапонскиот Кабинет да го одобри планот за поставување на 5Г базните станици на столбовите коишто се употребуваат за  сообраќајната сигнализација. На овој начин јапонците планираат да ги намалат трошоците за поставување на 5Г мрежата и истовремено да го скратат времето потребно за нејзино поставување и имплементација. Ова им оди во прилог на NEC коишто се специјализирани за производство на мали и лесни базни станици.

5Г мрежата треба да биде поставена низ целата земја во текот на следните пет години, а нејзината изведба треба да започне во јуни 2020 година.

Ракутен планира инсталирање на околу 16 000 базни станици. Секоја од базните станици чини околу 76000 американски долари, цифра којашто е некаде околу 10% до 20% помала од онаа што ја платила конкурентската компанија ДоКоМо. Вака барем тврдат јапонските медиуми. Иако во изградбата на 4Г мрежата Ракутен се послужи со технологијата на финскиот производител за телекомуникациска опрема Нокиа, користејќи нивни базни станици, сепак за услугите од 5Г сегментот тие, очигледно, го избрале NEC. Ракутен планира и понатамошно намалување на трошоците преку техника позната како виртуелизација на мрежата, со помош на која при нејзината оптимизација се употребува помалку хардвер.

Одлуката е направена имајќи го предвид неодамнешното поставување на Хуавеи на американската црна листа, како компанија чиишто производи доаѓаат со безбедносни ризици. Од Ракутен велат дека најверојатно ќе се воздржат од користење на производите на кинеските производители Хуавеи и ZTE, откако во декември минатата година јапонската влада одлучи ефикасно да ги исклучи овие две фирми од јавните набавки, како одраз на загриженоста на САД дека нивните производи можат да го олеснат шпионирањето и да доведат до потенцијално нарушување на комуникациските мрежи.

Колку за потсетување, 80% од светскиот пазар за 5Г базни станици го држат Хуавеи, Нокиа и Ериксон, додека јапонскиот производител NEC држи скромни помалку од 5%.

5Г услугите ќе овозможат пренос на податоци со огромни брзини Па така, на пример, корисниците на паметни телефони ќе можат да преземат двочасовен филм за само три секунди. Широка примена на оваа технологија се очекува во повеќе сегменти, од навигација и управување на беспилотните возила, преку ИоТ, до баналните телефонски разговори. Имајќи го ова предвид, се очекува огромно зголемување на бројот на уреди поврзани на интернет.

Клучни зборови: