Рубрика: Омнибус
Викиликс објави тајни снимки од “слетувањето на Месечината“?
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 17.05.2019 - 10:30

Баз Олдрин на Месечината

На некои интернет портали од најдолно ниво се појави сензационална вест, заедно со видео материјал, дека Викиликс (WikiLeaks), како одмазда за апсењето на Асанж, објавил доказ дека слетувањето на американските астронаути на Месечината е лага, бидејќи тоа е снимено на Земјата, во пустината Невада. Тој видео материјал може да се најде на YouTube од бројни “дилери“ на теории на заговор. Корисниците на социјалните мрежи, немајќи ништо друго попаметно да прават во животот, исто така го раширија овој видео материјал.

Вакви малоумности не се некоја новост, но загрижувачки проблем е што еден македонски весник (од вкупно четирите постоечки!) ова го објави како засебна, нормална вест и го објави тој видео материјал (види слика подолу) и со тоа му даде кредибилитет на една гнасна лага! А токму тој дневен весник се помодре самиот од удирање во гради дека е најгласен во критиките на праксата на ширење лажни информации (fake news)! Како да им се објасни на овие “професионални новинари“ дека основно новинарско начело е прво да се провери изворот на информацијата. А изворот на информацијата наводно е Викиликс. Е, па?

За разлика од тие “професионални новинари“, јас отидов на веб-страницата на Викиликс. А таму – ни трага, ни глас од тој видео материјал!!! Значи, видеото со наводните докази дека астронаутите воошто не слетале на Месечината всушност не потекнува од Викиликс! Сега е јасно дека тој што го измонтирал тој видео материјал излажал дека Викиликс е изворот на тоа видео, па само го залепил логото од Викиликс во горниот агол од видеото, во обид да му даде тежина и веродостојност на својот фалсификат.

А самото видео е толку аматерски и наивно направено, што смрди на фалсификат уште пред да заврши првата минута. Инаку, видеото е долго 11 минути и 44 секунди, но има и верзии од околу 15 минути дополнети со видео материјал од некое “Flat Earth Hungary“ (аман веќе од овие “рамноземјани“!). Видеото е хаотичен колаж од документарни снимки од екипа која прави некаков филм (има камери, рефлектори, луѓе се сноваат наоколу...) и тоа се случува на Земјата, но тоа е измешано со видеоснимки на астронаутите на Месечината, но и документарни снимки на Земјата. Но, никаде нема да ги видите истовремено астронаутите со кратерите околу нив и луѓето со камерите и рефлекторите!

Тоа оди вака:

0:40 (нула минути, 40 секунди од видеото) – кратка реална снимка од астронаутите на Месечината, тие се движат еден кон друг, малку подзастануваат, а токму во тој момент во позадина оди намонтиран глас “Now move“ и астронаутите продолжуваат да се движат. Да, бе...

1:08 – во ист стил, замрзнато видео на астронаут на Месечината, се слуша намонтиран глас “Ready... and... action!“ и се пушта видеото да тече. А бе ајде...

1:45 – реална снимка на возење на астронаут со “месечевиот ровер“ на Месечината, но притоа има звук како трактор да брчи! Го претераа – месечевиот ровер се движи со бесшумни електрични мотори!

И така натаму...

Заклучок: вообичаени глупости на интернет, но и голем срам за македонското новинарство!

 

Видеото:

Клучни зборови:
Баз Олдрин на Месечината

Баз Олдрин на Месечината

Голем срам за македонското новинарство 1

Голем срам за македонското новинарство 1

Две недели подоцна - голем срам за македонското новинарство 2

Две недели подоцна - голем срам за македонското новинарство 2