По години исчекувања, во февруари беше најавен Galaxy Fold, првиот телефон од Самсунг со екран на преклоп којшто се отвора до големина на помал таблет. Но, уште не стивна возбудата од претставувањето, а веќе минатиот месец, април, неколку тестови на уредот открија големи проблеми во дизајнот. По ова беа одложени испораките на првиот Самсунг телефон со флексибилен OLED екран.
Тестовите открија дека телефонот станува неупотреблив по само ден-два ракување со него, што е голем пех (и срам) за еден уред чијашто почетна цена е речиси 2000 американски долари. А наодите се следни: Дитер Бун од Verge при отворањето на телефонот открил мало испакнување во центарот на екранот за коешто се сомнева дека се должи на минијатурни парченца од екранот, што се чини дека се поткршува на секое свиткување, а коишто потоа навлегле во шарката. На Стив Ковач од CNBC, пак, му се случи трепкање и треперење на екранот, по што тој целосно се исклучил. Уште неколkу искусни новинари од полето на техниката како Марк Гaрнам од Bloomberg, Џоана Стерн од Wall Street Journal, јутјуберот Маркес Браунли, сите пријавиле проблеми по случајно тргнување на заштитниот слој од екранот, за којшто Samsung сега тврди дека не треба да се отстранува.
Зошто ова е важно: претстојната револуција на полето на мобилните уреди којашто требаше да ја донесат телефоните на преклоп може да заврши уште пред да започне. Сите предвидувања говореа дека оваа година ќе ја одбележат почетокот на 5G комуникациите и склопувачкиот телефон. Настрана од техничките проблеми, Galaxy Fold наиде на многу критики врзани со избраното решение за склопување, ергономијата и софтверот, особено при користење на апликациите во режим на цел екран. Иако екраните на преклоп наскоро ќе станат реалност еден ден, Galaxy Fold покажа дека производителите сè уште треба да поработат на отстранувањето на проблемите што ги носи ова решение.
А како овој проблем да не беше доволен, сам по себе, сега голем број корисници пријавуваат проблеми со апликацијата Galaxy Wearable, наменета за за поврзување на wearable уредите од Самсунг со другите Андроид уреди. Според бројните забелешки изнесени на форумите за Самсунг корисници, се тврди дека проблемот се јавува уште при логирањето. Корисниците ги пречекувал бел екран, не можеле да направат бекап на податоците, ниту пак да инсталираат апликации. Притоа пристапот до придружната апликација бил невозможен најмалку од минатата недела. Ако се суди на основа на тврдењата на форумите, проблемот се јавил кај низа телефони со Андроид, вклучувајќи ги OnePlus 6, Huawei Mate 20 и Google Pixel 2 XL, но интересно, тој не се јавил кај уредите на Samsung.