Рубрика: Астрономија и астронаутика
Потврдени набљудувања на древните кинески астрономи
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.05.2019 - 14:45

Научниците ги повторија набљудувањата направени пред речиси 2070 години од страна на кинеските астрономи, потврдувајќи го едно од најраните откритија за настан што се случил надвор од Сончевиот систем.

Во 48 година п.н.е., кинеските астрономи забележале силен сјај во одреден дел од ноќното небо, бележејќи го точниот регион на настанот во нивните записи.

Неодамна научниот тим предводен од астрофизичарот Фабијан Гетгенс од Универзитетот Гетинген во Германија докажа дека овие набљудувања се однесуваат на настанокот на нова – експлозија на водород на површината од една ѕвезда лоцирана во глобалното јато Месиер 22 (М22) или NGC 6656.

Набљудувањата на дел од NGC 6656 направени со MUSE во подрачјето на видливата светлина (лево) и анализата на емисиите и составот (десно)

Ова ѕвездено јато, коешто е едно од најмалку 150-те досега идентификувани објекти во Млечниот Пат, претставува цврсто спакувана група ѕвезди коишто се наоѓаат во близина на галактичкиот центар, на оддалеченост од околу 10 600 светлосни години од Земјата. Јатото е познато и како кластер Стрелец (Sagittarius Cluster).

Гетгенс и неговите колеги при нивните набљудувања на објектот М22 го користеле инструментот MUSE (Multi Unit Spectroscopic Explorer) којшто е дел од VLT телескопот на Европската јужна опсерваторија во Чиле.

Тие откриле остатоци од експлозија на нова, којашто сега претставува маглина со црвеникава боја составена од водород и други гасови. Пречникот на маглината е приближно 8000 пати поголем од растојанието меѓу Земјата и Сонцето.

Како што вели Гетгенс "Позицијата и сјајот на остатоците се совпаѓаат со записите од 48 година п.н.е. забележани во древната збирка на записи со набљудувања на кинеските астрономи. Тие веројатно ја гледале оригиналната нова-експлозија на истото место".

Трудот со резултатите од истражувањето во моментов чека за објава во реномираното списание Astronomy & Astrophysics, а достапен е за разгледување на предпринт серверот arXiv.

Клучни зборови:
Набљудувањата на дел од NGC 6656 направени со MUSE во подрачјето на видливата светлина (лево) и анализата на емисиите и составот (десно)

Набљудувањата на дел од NGC 6656 направени со MUSE во подрачјето на видливата светлина (лево) и анализата на емисиите и составот (десно)