Очекувањата се големи за следниот Sony PlayStation што треба да ја понесе бројката 5. Новата играчка конзола што сè уште е во развојна фаза се очекува да биде претставена и да се појави на пазарот некаде следната година. За сите нетрпеливи гејмери, водечкиот системски архитект на Sony, Марк Серни, минатата недела за Wired даде куса најава во којашто “издаде” неколку детали за новиот PS5.
За почеток сите добија потврда дека следната генерација на PlayStation нема да го види светлото на денот оваа година, а следната година беше посочена како најран можен датум за промоцијата на PS5. Што се однесува до процесорот кој ќе биде употребен во новата конзола, Серни потврди дека тој најверојатно ќе се заснова врз третата генерација oд семејството на процесори AMD Ryzen, со 8 јадрена структура и 7nm Zen 2 микроархитектура. Во поглед на графиката беше потврдена употребата на специфично прилагодена варијанта графички процесори од семејството Navi на Radeon, што ќе ја овозможи т.н. технологија на следење на зраци – алгоритам од следната генерација којшто ја следи и ја моделира светлината и го прилагодува осветлувањето во комплексните фиктивни светови на игрите (за повеќе види тука). За озвучувањето беше потврдена употребата чип од AMD специјално прилагоден за овозможување на 3D аудио, што ќе придонесе за богат и моќен звук на конзолата.
Што се однесува до можностите за виртуелна реалност, иако Серни директно не кажа дека со новиот PS5 треба да се очекува и нов PSVR хедсет, тој сепак нагласи дека во Sony придаваат големо значење на овој сегмент. Она што може да се очекува е компатибилност со веќе постоечкиот ВР хедсет на Sony.
Подобрувања има и кај интегрираниот SSD, којшто ќе дојде со нови технолошки унапредувањња што ќе овозможат побрзо вчитување на игрите, побрза реакција и усогласување со природните движења на играчот низ виртуелата средина. Така, при демонстрацијата на развојниот кит на PS5, играта Спајдермен се вчитува дури 18 пати побрзо отколку на, во моментов актуелниот модел, PS4. Серни потврди дека благодарејќи на новините инкорпорирани во новиот SSD, PlayStation 5 ќе може да ги рендерира 2D световите многу побрзо од сегашниот модел, што значи проширување на виртуелните светови на игрите и побрзо движење на играчот во нив, без притоа да се наруши верноста на приказот.
И конечно, најавата вели дека новиот PS5 ќе понуди 8K графика, но во колкав обем останува да се види. Ова е во согласност со современите текови и напредокот во видеотехниката, па така не би не зачудило и целосно 8К искуство, поддржано со нова генерација на игри.