Неодамна, Panasonic го претстави најновиот член од својата безогледална (mirrorless) серија, LUMIX G95 – 4K, апарат од средна категорија, наменет, пред сè, за оние што претпочитаат создавање на дигитални содржини.
Како што вели Скот Мелиш, постар маркетинг менаџер на Panasonic: "G95 дава импресивни резултати во повеќе ситуации отколку кога било досега, без разлика дали снимате видео за YouTube или ја објавувате вашата прва книга."
Според соопштението за печат од Panasonic, лесниот LUMIX G95 во себе интегрира повеќе карактеристики од неговите претходници. Новиот модел е опремен со 20,3 MP сензор и стабилизација во 5 оски на G9, како и V-Log технологија на GH5S – во суштина, овозможено е “кинематографско” снимање што доловува поширок спектар на бои, осветлувања и сенки, кои подоцна можат да бидат манипулирани при пост-продукцијата.
G95 го има истото OLED Live барало и истиот 3,2-инчен заден екран присутни кај претходните модели, како и можноста за споделување слики со паметен телефон преку Bluetooth 4.2 или Wi-Fi. Но, овој најнов модел има ограничување на Wi-Fi бендот на 2.4 GHz, односно ја нема можноста за 5.0 GHz конекција, типична за уредите од оваа година.
Како припадник на средната категорија, G95 нема можност за снимање на 4К видео со 60FPS во реално време, но може да снима 4K видеа со најмногу 30FPS. Исто така, поддржува и повисок фрејмрејт (најмногу до 180FPS) при резолуција од 1080p. Иако ова не би требало да биде проблем за повеќето креатори на видеосодржини (читај јутјубери), со оглед на тоа што повеќето уреди со можност за YouTube конекција ја нудат како максимум второспоменатата резолуција при стримингот на содржините.