Според сите проценки, се чини дека првиот израелски лунарен лендер Берешит се урнал на површината на Месечината.
Вселенското летало, лансирано од страна на израелската непрофитна организација SpaceIL, требаше да се спушти на Месечината на 11 април. Но, некаде во последните неколку минути од процесот на спуштање дошло до отказ на моторот на вселенското летало. Контролата на мисијата се обидела да го ресетира Берешит обидувајќи се повторно да го вклучи моторот, но, за жал, дошло до прекин во комуникацијата со ледерот.
Во 7 часот и 30 минути по UTC Израелската вселенска агенција објави на Твитер "Главниот мотор на #Beresheet откажа! Вселенското летало не успеа да слета. Се чини дека се урниса на површината на Месечината! "
Ако Берешит безбедно слеташе на Месечината, Израел ќе станеше четвртата земја, по САД, поранешниот Советски Сојуз и Кина, на која и пошло од рака да спушти сопствено летало на Месечината. Сега, може само да кажеме дека Израел е седмата земја што успешно испрати вселенско летало во орбита околу Месечината.
Берешит беше лансиран во февруари од Кејп Канаверал во Флорида, со помош на ракетата SpaceX. Леталото беше во орбита околу Земјата сè до почетокот на овој месец кога се упати на неговата средба со Месечината. По неколку лунарни орбити, вселенското летало требаше да се спушти во Морето на спокојството (Mare Serenitatis), вулканска рамнина на сместена на блиската страна од Месечината, видлива од Земјата. Избраната локација е блиска до местото каде, пред речиси поповина век, во 1972 година астронаутите од мисијата Аполо 17 го поставија американското знаме.
Берешит беше опремен со неколку научни инструменти, вклучувајќи камери и уред за мерење на магнетни полиња. Но, научната цел беше во втор план за оваа мисијата на SpaceIL. Примарната цел беше успешно слетување на Берешит кое ќе помогнеше во создавање на т.н. Аполо ефект меѓу израелските студенти, односно ќе ги популаризираше науката и инженерството како избор за идни професии. Во оваа насока самата мисија беше инспирација и за една израелска детска книга "Малиот вселенски брод".
Но, според најавите ова не е крај на израелската мисија на месечината. Како што изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во оваа прилика: "Ако од прва не успеете, се обидувате повторно."