Вчера вечер, со доста помпа и визуелни ефекти пред македонската јавност и медиумите, меѓу кои и ние ЕМИТЕР, беше претставен новиот Range Rover Evoque. Промоцијата се одвиваше на покривот од катната гаража 26 јули, во просториите на ресторанот Рагуса 360. Уште на самиот влез од платфотмата нè пречекаа ред од модели на Јагуар и Ленд Ровер, а атмосферата зрачеше со елеганција, луксуз и моќност.
Македонското запознавање со новиот Range Rover Evoque, се случува неколку месеци по светската премиера на овој модел, а само еден месец по неговото претставување во Белград. Во официјалниот дел од програмата на присутните ни се обрати генералниот менаџер на компанијата Аутомобили Груп, г. Кочо Бураку, кој ги претстави деталите за овој урбан SUV.
Првата генерација на Evoque своето деби го имаше пред осум години, а моделот беше толку успешен што долго по своето претставување изгледаше свежо и во склад со современите трендови. Со својата специфична силуета на купе, висок појас и благо опаѓачка линија на покривот, што ја истакнуваат снагата, доверливоста и динамичниот став на возилото, нема сомневање дека новиот Range Rover Evoque е директен наследник на возилото што го освои целиот свет.
Како што може да забележиме новиот модел ги современите технолошки чекори. Па така опремен е со повеќе технички иновации што првпат се вградуваат во еден SUV сегмент, а коишто асоцираат на поголемите модели од гамата на Range Rover.
Тука е Touch Pro Duo системот со два екрани. Овој интуитивен интерфејс се контролира или со допир или гласовно, а прекинувачите сместени на воланот ги поставуваат клучните функции на допир на прст. Апликацијата за далечинско управување овозможува мноштво IoT функции– од прилагодување на температурата до наоѓање место за паркирање, па дури и заклучување или отклучување на автомобилот преку вашиот паметен телефон. Остатокот паметни опции вклучуваат прилагодување на автомобилот на навиките на возачот.
Ентериерот е спој на префинета елеганција и чисти слободни површини. Раскошните природни материјали во внатрешностa на кабината и дизајнот ја следат стратегијата на едноставност и смиреност.
Сè на сè, се работи за технолошки софистициран, моќен и современ сув. Чувствуваме дека новиот Evoque е создаден да одговори на мотото на Land Rover – Above and Beyond, да се издигне над условите и да нè однесе подалеку.
Се надеваме дека наскоро ќе бидеме во можност со тест-возење подиректно да се запознаеме со новиот Range Rover Evoque и да ве информираме за нашите искуства.