Вчера, на 4 април, во Белград, Србија, започна Вториот дигитален самит за Западен Балкан. Настанот на едно место ги собера министрите одговорни за информатичкото општество и дигиталната агенда на партнерите од Западен Балкан и ЕУ, како и претставници на Европската комисија, претставниците на регионални и глобални ИТ-индустрии и економии, со цел да ги презентираат најдобрите резултати на дигиталната трансформација, како и размена на идеи и понатамошни предлози за подобрување на ИКТ-секторот во овој дел од Европа.
Дигиталниот самит е организиран од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Србија, Канцеларијата за информатички технологии и електронска администрација на Владата на Србија и Стопанската комора на Србија, со поддршка од Советот за регионална соработка и ресорните министерства на другите пет економии на Западен Балкан.
Во рамките на денешниот, втор ден од Дигиталниот самит за Западен Балкан, планирани се повеќе панел-дискусии што ќе опфатат бројни теми од доменот на дигиталната трансформација на економијата и општеството и можната примена на нови возбудливи решенија, користењето дигитални вештини и воведување нови програми во образованието. Исто така, ќе се опфатат и најновите случувања во областа на телекомуникациите, примената на новите технологии во банкарското работење, како и регионалната соработка во областа на безбедноста и мрежното работење и други интересни теми насочени кон унапредување на Дигиталната агенда на Западен Балкан.
За време на Самитот, 47 компании од дигиталната индустрија од регионот и пошироко, ИТ-компании од регионот и ветувачките нови стартап-компании имаат можност да ги претстават своите производи и иновативни решенија во рамките на сегментот на Експо и Техника на Самитот, кој се одржува на двете нивоа во Палатата на Србија. Притоа, тие имаат можност да се запознаат и да се поврзат со потенцијалните партнери од регионот. Од Македонија, со свои решенија присутни се Некст сенс, чијшто ЦЕО Васко Кронески е модератор на денешната панел-дискусија, Доверба и безбедност. Меѓу стартап-компаниите, пак, е Брансис од Македонија, којашто ги претставува своите IoT решенија за менаџирање возен парк. Иновативноста на нивниот систем опфаќа повеќе сегменти, од кои како најважен би го издвоиле системот направен за поврзување со голем број дополнителни сензори којшто овозможува преглед на податоците на компаниите од типот на карго, отворени/затворени врати на возила, температура, гориво, притисок на гуми, сообраќајна култура на возачи, безбедност на патот и сл.
Меѓу покровителите на овој настан е Касперски Лаб, којшто е претставен како сребрен спонзор на самитот.