Intel ги објави првите податоци на 11-тата генерација интегрирани графички чипови со назив Icelake, изработени во 10 nm литографија. Бројките ветуваат – речиси сите единици се удвоени, некои и триплирани; 64 наспрема 24 извршни единици, 3 MB наспроти 768 KB L3 кеш меморија и, најбитната новина – сепариран (unganged) двоканален мемориски контролер. Или поточно, два 64 bit-ни контролери наместо еден 128 bit-ен кај актуелните графички чипови.
Значи, тука сретнуваме два независни 64 bit-ни мемориски канали, со што се овозможува процесорот да извршува две операции “во тандем”, овозможувајќи пристап кон засебни мемориски банки. Понатаму, на овој начин е овозможено истовремено извршување на операциите за вчитување и впишување на податоци, што не е можно во едноканалната изведба. Како резултат на тоа се добива осетно побрз трансфер на податоци.
Новиот интегриран графички процесор ќе носи назив Iris Plus Graphics и ќе го има во четири верзии: 950 за Core i9 и Core i7 процеосрите, каде што сите графички единици ќе бидат активни, потоа 940 кој ќе располага сo истиот број извршни единици (EU – Execution Units), но со понизок работен такт, 930 за Core i3 со 48 EU и Iris 920 со 32 EU за Pentium Gold процесорите.
Значи, во Intel претендираат на солидни графички перформанси во сегментот на интегрираната графика и да бидат чекор поблиску до конкурентот AMD, кој засега го има приматот на тоа поле.
Колку ќе успеат во намерите, ќе видиме дури кон крајот на оваа година, кога првите процесори со овие интегрирани графички чипови ќе се појават на пазарот.