Рубрика: Електроника
Во тек е Робомак 2019
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.03.2019 - 11:00

Роботска рака. Фотографијата е преземена од ФЕИТ – Скопје

На Факултетот за електротехника и информациски технологии во тек е десеттото издание на Robomac – меѓународниот натпревар по роботика и вештачка интелигенција. Како и секоја година RoboMac 2019 е организиран од Студентскиот огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ и студенти волонтери од ФЕИТ.

Целта на натпреварот е популаризација на роботиката и вештачката интелигенција помеѓу студентите и младите во Македонија и соседните региони, преку започнување и поддршка во функционирањето на повеќе други проекти поврзани со роботиката. Настанот овозможува учесниците да се запознаат со предностите на роботиката како научна дисциплина и нејзините најнови технички достигнувања. Учесниците на натпреварот имаат можност да работат во парови, да ги употребат своите знаења и вештини, истите да ги надградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, сè со цел да го освојат првото место во својата категорија. Покрај ова учесниците имаат можност да присуствуваат на серија предавања од нивните области од интерес.

Натпреварите се поделени во неколку категории: роботска рака каде натпреварувачите изработуваат програма за управување на роботска рака за извршување на зададена задача; сумо – традиционална роботска борба каде опонентите се обидуваат да го истуркаат противничкиот робот од рингот; Line Follower – изработка на целосно харверско решение со Ардуино платформата за робот што може да детектира и следи испишана линија; Лавиринт – алгоритамско управување на мал робот низ ходниците на сложен мини-лавиринт; AI Football или роботски фудбал; и  Sphero каде роботската топка треба да “изоди” одреден пат исполнет со низа препреки што треба да ги надмине со туркање или заобиколување.

Оваа година за прв пат се воведува и категоријата RoboMac Junior, во која што учествуваат средношколци од цела Македонија. Целта е да се зголеми интересот за роботика и вештачка интелигенција кај средношколците. Средношколците имаат можност да ги продлабочат нивните знаења и да стекнат нови сознанија преку предавањата на професори и експерти во оваа област, но и да работат со едукативни роботи и да се натпреваруваат во програмирање и управување на истите.

Финалните натпревари во сите категории се закажани за утре 23.3.2019 г. и, според агендата на Робомак 2019, треба да започнат во 18 часот. Финалето на Робомак е настан од отворен тип. Сите заинтересирани можат да присустуваат на овој натпревар што ќе се одржи во просториите на Домот на АРМ во Скопје.

Неформалното затворање на оваа манифестација е закажано за недела.

Клучни зборови:
Роботска рака. Фотографијата е преземена од ФЕИТ – Скопје

Роботска рака. Фотографијата е преземена од ФЕИТ – Скопје

Роботски сумо борачи. Фотографијата е преземена од ФЕИТ – Скопје

Роботски сумо борачи. Фотографијата е преземена од ФЕИТ – Скопје

Предавањата од областа на роботиката во склоп на Робомак 2019 се одржуваат во просториите на ФЕИТ

Предавањата од областа на роботиката во склоп на Робомак 2019 се одржуваат во просториите на ФЕИТ. Фотографијата е преземена од ФЕИТ – Скопје

Постерот за Робомак 2019

Постерот за Робомак 2019

Покана до сите за утрешното финале на Робомак 2019

Покана до сите за утрешното финале на Робомак 2019