Сè уште ни е во тазе сеќавање хрватско-македонската интернет-сензација “дида” Тони, со неговиот “контроверзен” совет до пензионерите – “Вежбај пи*да ти ма**рина!”. Но, се чини дека оваа мудрост на елегантниот хрватски пензионер има длабока научна поткрепа. Истражувањата спроведени од научници на кинескиот Шандонг Универзитет утвдрија дека само 10 минути вежбање неделно значително го намалува ризикот од смрт.
Во трудот објавен оваа недела во British Journal of Sports Medicine, Мин Жао и неговите колеги укажуваат дека дури и вежба со многу низок интензитет, како одењето или средувањето на градината, којашто се изведува од 10 до 59 минути во текот на неделата, резултира со 18% намалување на ризиците за смртност во период од 10 години.
Во истражувањето биле користени податоците од базата на Националните здравствени анкентни истражувања спроведени во САД во периодот од 1997 до 2008 година. Овие истражувања од 1957 година до денес ги спроведува Американскиот центар за контрола на болести и превенција. Секоја година репрезентативен примерок од популацијата одговара на серија прашања врзани за здравјето, медицинската историја и животниот стил. Во фокус на интересот на Жао и неговите колеги се нашле податоците собрани од 88140 луѓе на возраст помеѓу 40 и 85 години. Била направена корелација на овие податоците со записите за смртни случаи забележани до крајот на 2011 година.
Исходот бил јасен – луѓето што вежбале меѓу 10 и 59 минути во неделата во нивното слободно време имале намален ризик од 18% за сите причинители за смртност споредено со оние што “легачеле”. Она што веројатно нема да ве изненади е тоа што се покажало дека смртоносните ризици уште повеќе се намалиле со зголемувањето на здравите навики и времето поминато во вежба. Така, на пример, оние коишто вежбале од 150 до 299 минути во текот на неделата имале за 31% намален ризик за смрт. Додека кај оние што вежбале навистина напорно, по 1500 минути во текот на неделата, ризикот се намалил за цели 46% !
Но, сепак, врската помеѓу нивото на активност и смрт предизвикана од кардиоваскуларни причинители не е толку јасна. Кај луѓето што вежбале 10 до 59 минути во текот на неделата овој ризик се намалил за 12%, а кај оние чиешто време на вежбање изнесувало помеѓу 120 и 299 минути неделно, ризикот дополнително се намалил за 37%. Но, кај активните вежбачи, коишто во текот на неделата поминувале и по 1500 минути во напорна вежба, овој ризик се намалил за 33%. Ова укажува дека барем за здравјето на срцето постои оптимален начин на вежбање којшто ако се надмине, повторно ги зголемува ризиците за срцеви состојби.
Значи, слушајте го дедо Тони и вежбајте, но не претерувајте :)