Рубрика: Медицина
Фонтаната на младоста е морков!?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.02.2019 - 11:30

Една јапонска билка сродна на морковот можеби ја крие тајната за долговечноста, откриваат научниците. Растението ашитаба (Angelica keiskei), коешто се користи во традиционалната азиска медицина, содржи флавоноид наречен 4,4'-диметоксихалкон или скратено DMC. При испитувањето на својствата за забавување на процесот на стареење на 180 поткласи на флавоноиди, европските истражувачи откриле дека супстанцата DMC носи супериорни здравствени придобивки.

Како што пишува во трудот објавен неделава во Nature, соединението DMC се покажало како досега најдобра заштита за клетките забавувајќи го развојот на процесите типични за стареењето. Во поглед на благодетите што ги дава на овој план, DMC далеку ги надминал другите досега познати зашитини соединенија, покажувајќи се поефикасен дури и ресвератролот, присутен во црвеното вино.

Во серија експерименти, DMC го продолжил животниот век кај квасците, овошните мушици, црвите и кај човечките клетки, а се покажал исклучително добар во заштитата на срцето и на црниот дроб кај глувците.

Понатамошните експерименти со користење на "генетски трикови" откриле дека, во повеќето случаи, DMC го вклучувал и т.н. одговор на пост на клетките, односно автофагијата или автофагоцитоза. Процесот претставува своевидна програма за клеточно чистење и рециклирање, при што од клетките се чистат оштетените протеини и митохондрии за коишто е откриено дека се поврзани со старечките болести, како деменцијата, но и паркинсоновата болест. Друг начин за поттикнување на автофагијата е постот и ограничување на калориите што се внесуваат.

Резултатите одат во прилог на претходните укажувања дека антиоксидантните својства на флавоноидите, најчестите фитонутриенти во растенијата за јадење, можеби и не се единствените состојки корисни за здравјето.

Дали наодите од ова истражување може да се применат и донесат благодет за луѓето како цели единки, останува да се види. Истражувачите успеале да го детектираат соединението DMC во крвта на глувците коишто добивале храна збогатена со оваа состојка. Ова укажува дека цицачите се способни да го апсорбираат DMC преку исхраната.

Во Азија со векови наназад ја користат ашитабата, засега единствениот познат природен извор на ДМЦ, како билка што ја поттикнува долговечноста и доброто здравје. Билката и денес може да се најде во голем број јапонски градини.

Клучни зборови: