Рубрика: Информатика
Дигитални алатки за туризмот и Мобилна апликација за Национален парк Маврово
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 21.02.2019 - 12:30

Откако пред само две години пред лицето на јавноста беше претставен првиот веб-регистар на туристички водичи во Македонија, направен со помош од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, денес по повод Светскиот ден на туристичките водичи, беа промовирани можноста за резервација на туристички водичи на оваа веб-платформа, како и мобилната апликација за Националниот парк “Маврово“.

Овие алатки ќе овозможат полесен пристап до туристичките информирации и се очекува да го олеснат процесот за резервација на најразлични услуги,  при што ќе се промовираат и давателите на услуги во туризмот.

Претседателот на Здружението на туристички водичи и придружници, Бранко Босилков, подвлече дека регистерот овозможува полесен пристап до активните и професионалните водичи.

Регистарот овозможува пристап до активни и професионални водичи кои дополнително ќе можат да ги промовираат своите услуги, не само пред туристичките агенции туку и до крајните корисници. На овој начин ја продолжуваме втората фаза на постоечкиот регистар, но овој пат ја дополнуваме со можности за понуда на различни тури и он-лајн резервирање на нивните услуги. Сметаме дека со овој чекор ги доближуваме туристичките водичи до крајните корисници и потенцијалните клиенти во рамки на нашите стремежи за исполнување на мисијата на здружението за подигнување на квалитетот на водичката служба во Македонија“, рече Босилков.

Денес беше промовирана и мобилната апликација за Националниот парк “Маврово“. Според директорот Самир Ајдини, развојот на туризмот на територијата на Националниот парк “Маврово“ претставува клучен стремеж во планираниот долгорочен одржлив раст.

Развојот на оваа апликација и веб страна претставува клучен чекор кон промоција на летната понуда во рамки на паркот. Важно е да се напомене дека преку аплиакцијата ќе се промовира комплетната понуда на паркот која ја нудат сите чинители. Дополнително, новина е тоа што влезниците за националниот парк и риболовните дозволи ќе можат да се купат преку оваа апликација. Само со заеднички сили може да обезбедиме сеопфатна понуда која ќе привлече поголем број туристи во текот на целата година а со тоа и да се овозможи поголем локален економски раст“, истакна Ајдини.

Во првата фаза на проектот беше промовиран дигиталниот регистар со македонски туристички водичи изработен од Асоцијацијата на туристички водичи со поддршка на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ (Increasing Market Employability), како дел од активностите за унапредување на туристичката понуда во Македонија.

Веб регистарот е наменет за туристичките оператори и самите туристи за спроведување организирани тури со активни водичи. Регистарот, во кој се вклучени сите видови туристички водичи, содржи информации за квалификацијата на туристичкиот водич и неговата сертификација, јазиците кои ги говори, тип на тури кои ги води, регионот во кој работи како и контакт информации.

Клучни зборови: