Рубрика: Информатика
На повидок уште една технологија од Ѕвездените патеки
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.02.2019 - 11:45

Додека ja гледате (а можeби и не?) втората сезона на Ѕвездени патеки: Дискавери, вашето извежбано око сигурно не ги забележува безбројните мали технолошки чуда на коишто веќе е свикнато да се појавуваат во оваа сага што ја плени нашата имагинација повеќе од половина век. А зошто и би обрнувале внимание. Репликаторот, којшто испорачува предмети навидум од ништо, е така нормална работа во 23 век, нели? Но, се чини дека оваа технологија наскоро може да стане реалност сега, во дваесет и првиот век smiley

Досега се остварени многу техники за ЗД-печатење. Повеќето од овие техники се состојат од стврднување на нeкој вид гел којшто се користи како “мастило” или, пак, нанесување пластика слој по слој, сè дури не се добие замислената форма. Во голем број случаи, потребни се часови пред целосно да се испечати ЗД-објектот. Новата техника, при којашто објектите се појавуваат навидум од ништо, работи многу брзо. Притоа, за прецизност во изработката ја користи технологијата којашто се употребува за прецизно таргетирање на зрачењето кај третманите на пациентите заболени од рак.

Еве како функционира. Најнапред истражувачите употребуваат компјутерски контролиран дигитален светлосен проектор со којшто проектираат серија од 2Д-слики во ротирачкиот сад исполнет со фотоосетлив гел. При ротацијата, фотоните коишто навлегуваат од различни агли се пресретнуваат во избрани точки во внатрешноста на гелот. Во точките каде што се среќаваат, нивната комбинирана заедничка енергија го стврднува гелот. Онаму кадешто фотоните не се пресретнуваат, тие едноставно поминуваат низ гелот без да го изменат составот на чувствителниот материјал. Приодот овозможува брзо креирање на сложени објекти, како што е, на пример, мини-копијата од познатото дело на Огист Роден, Мислителот, којашто овој вид на 3Д-печатење ја испорачува за само неколку минути. Техниката овозможува и 3Д-печатење на пластични делови околу постоечки објекти. Така, сосема лесно може да создаде рачка околу телото на шрафцигерот.

Како што велат авторите на трудот објавен вчера во Science, техниката може нашироко да се применува при запечатување на чувствителните електронски компоненти и склопови.

Како што може да се забележи од видеото, обликувањето на објектите започнува од маглива слика во гелот. Ова многу наликува на процесот на материјализирање на објектите во Ѕвездените патеки. Но, за испорака на индиски ароматичен чај Ерл Греј во стил “a ла Пикард”, ќе мораме да се стрпиме... барем уште малку.

Процесот на создавање на ЗД објекти со новата техника на ЗД печатење
Клучни зборови: