Рубрика: Медицина
Вишокот инсулин – отров за клетките на плацентата?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.01.2019 - 11:30

При трагањето по можни причини за необјаснетите спонтани абортуси, американските истражувачи открија дека инсулинот делува како отров на клетките од плацентата во првиот триместар.

Веќе од поодамна се знае дека жените со инсулинска резистентност се во поголема опасност да го изгубат плодот, велат авторите на трудот објавен во медицинскиот журнал Fertility and Sterility. Но, сè досега, како главен виновник при неочекуваниот прекин на бременоста се сметаше високото ниво на гликоза. Изненадувачки, новите истражувања откриваат дека самиот инсулин влијае отровно на раната плацента. Иако истражувањето е спроведено инвитро, во лаборатириски садови, инсулинските нивоа соодветствувале на оние кај жените со инсулинска резистентност. Резултатот изненадува дотолку повеќе ако се има предвид дека инсулинот е фактор за раст кај останатите клетки.

Како што објаснува Зев Вилијамс, еден од авторите на трудот и директор на Центарот за плодност при Универзитетот Колумбија во Њујорк: “Ако земете клетка од црн дроб, кожа или од мускул и ја одгледувате во присуство на инсулин, секоја од овие клетки ќе расте подобро. Единствената клетка на којашто инсулинот делува различно се примероците од клетките земени од плацента од првиот триместар.

Понатамошните тестови откриваат дека ефектот на инсулинот на плацентната клетка е речиси ист како оној што терапевтските дози на хемотерапијата го имаат на нормалните клетки – предизвикува оштетување на ДНК и смрт на клетките.

При одгледување на клетките во присуство на метморфин, лек којшто нашироко се употребува за регулација на нивото на шеќер во крвта кај дијабетичарите, иако инсулинското ниво било исто со она што се покажало отровно, штетните ефекти на инсулинот биле целосно блокирани од лекот.

Вилијамс вели дека “она што охрабрува кај добиените податоци и откритија е дека иако се открива причинителот за губењето на бременоста, се нуди можност овој исход да се превенира.” Прв чекор кон превенцијата би била диета со ниско ниво на јаглехидрати, шеќери, со што би се спречило создавањето на големи нивоа инсулин што би ги излачил панкреасот во обид да се справи со зголемените нивоа на гликоза во крвта.

По ова откритие, тимот на Вилијамс започнал со тестирање на инсулинските нивоа и на нивото на гликоза во крвта кај жените коишто претрпеле спонтан абортус од необјасниви причини. Било откриено дека некои од жените со нормални нивоа на гликоза во крвта произведувале огромни количини инсулин за да го одржат ова нормално ниво на шеќер во крвта. Спроведувањето на диета со ниска содржина јаглехидрати, со мал внес на шеќери, придружено со земање на метморфин, кај овие жени овозможило следната бременост да биде нормална.

Според Вилијамс, доколку истите резултати се повторат и при големи клинички испитувања, тоа би бил показател дека досегашната практика на скрининг на нивоата на шеќер во крвта е погрешна. Она на што би требало да се пренасочи вниманието е нивото на инсулин во крвта.

Клучни зборови: