Wounded е хорор-игра во прво лице, дело на македонското инди студио Workbench Entertainment од Скопје. Во оваа игра, целта на играчот е да му помогне на главниот протагонист Тим да ја пронајде својата ќерка Лиса, како и да преживее.
Нивоата и визуелните ефекти се внимателно дизајнирани, со многу детали, дополнети со специјални звучни ефекти коишто го поттикнуваат чувството на неизвесност и страв, создавајќи уникатно играчко искуство. Вредно е да се напомене дека оваа игра, прва од ваков вид и со ваков квалитет за нашите простори, е изработена во целост со буџет од 0 денари, но со многу љубов и посветеност од целиот нашиот тим.
Тимот што стои зад студиото Workbench Entertainment е составен од млади ентузијасти, чијашто љубов кон гејмингот прерасна во страст за правење игри, а за дизајнирањето на оваа игра беа потребни 4 години секојдневна работа.
За демото на Wounded, еден од најпознатите светски јутјубери Markiplier изјави "Ова е одлично! Јас навистина многу уживав во оваа игра. Ова беше забавна авантура, немам играно толку добра инди-хорор игра како оваа".
Видеото има околу 5 милиони прегледи, надополнети со бројни позитивни коментари во кои најчести се оние – “Одлично! Кога излегува играта?“.
Публиката со нетрпение ја очекува целосната верзија, која се очекува да излезе на 28. февруари, на платформата Steam. Неодамна дел од играта беше премиерно прикажан пред публика во Младинскиот културен центар, каде што можеа да ја играат домашните љубители на видеоигри.