При едно деветгодишно истражување во коешто биле набљудувани клунестите делфини (tursiops truncatus) што живеат во крајбрежните води на Словенија, откриено е едно мошне чудно однесување кај оваа популација. Популацијата од овој вид се поделила во две групи што ловеле во истото парче море, но во различно време од денот. Ова е прв случај кога ваквото однесување е забележано кај морските цицачи.
За да го разликуваат секој од делфините, истражувачите користеле фотографии од нивните грбни перки. Биле направени повеќе набљудувања на вкупно 38 единки, при што внимателно биле забележувани времето, датумот и местото каде што тие биле видени. Делфините биле поделени во две поголеми групи, едната со 19, а другата со 13 животни, додека останатите шест единки формирале полабава трета група. Групата од 19 делфини најчесто се движела, и веројатно истовремено и ловела, следејќи ги рибарските бродови во Трстјанскиот Залив, лоциран во крајниот горен дел од Јадранското Море. Втората група од 13 делфини никогаш не била забележана во близина на бродовите, кога и да била видена во водите на Трстјанскиот Залив. Иако и оваа група делфини ловела во истото подрачје, групите многу ретко се среќавале, бидејќи поголемата група ловела од 7 часот наутро до некаде околу 13 часот попладне, додека помалата група делфини ловела во вечерните часови, во периодот од 18 до 21 часот.
Делењето на водите за лов кај делфините било забележано и при некои претходни истражувања, но сега за првпат е забележано дека овие животни применуваат тајмшеринг систем при ловењето во ист реон од морето. Иако е непознато како делфините го воспоставиле системот и како се придржуваат до овој распоред во ловот, неговата примена ги смалува можностите за конфликти и директната борба за храна.
Извештајот од истражувањето деновиве беше објавен во списанието Marine Biology.