Рубрика: Биологија
Tајните на мачeшкиот јазик
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.11.2018 - 11:15

Освен играње, предење и молење за некоја грицка повеќе, мачките голем дел од своето време го поминуваат во “дотерување”. Научниците откриваат како мачките длабински си го чистат крзното со помош на нивните рапави мали јазичиња.

Истражувачите направиле 3Д скенови од јазици собрани при аутопсии, од домашна мачка, рис, пума, снежен леопард, тигар и од лав. Конусните врвови, таканаречените папили со коишто е послан целиот мачешки јазик, кај сите видови имале шуплива, полуцевчеста празнина на самиот врв. Со искористување на својството на водата, познато како површински напон, при што силите на кохезија ги држат молекулите на водата збиени во капки, додека силите на атхезија помагаат капката да се задржи на папилите, овие празнини овозможуваат мачките да ги нанесат капките плунка преку горните слоеви од крзното, во подлабоките слоеви и на самата кожа.

Забавените симки од неколку домашни мачки, направени во моментите кога тие се лижеле, откриваат дека мачките ги виткаат своите јазичиња нанадвор, при што папилите се поставуваат под прав агол додека се движат низ крзното. Ова движење помага за максимирање на површината што секоја папила може да ја достигне, известува истражувачкиот тим во Proceedings of the National Academy of Sciences.

Но, мачките не се лижат само за да останат чисти. Како што откриваат термалните снимки, плунката им помага и да се разладат. Ова е особено важно бидејќи мачките поседуваат потни жлезди само на кожата од нивните шепи.

Научниците ги искористиле наодите од истражувањето за создавање четка што го имитира јазикот на мачката – tongue-inspired grooming brush (TIGR), со 3D испечатени папили поставени на флексибилна силиконска површина. Споредено со обичната четка за коса, TIGR четката помалку скубела при чешлањето на човечката коса и можела полесно да се исчисти. Четката би можела да се искористи и за директно нанесување лекови на кожата на мачките, вели тимот. За оние што имаат миленичиња, овој “мачешки чешел” ќе овозможи полесно и ефикасно собирање на влакната од површините во домот.

 

* За тие што не го владеат англискиот јазик, каналот нуди опција за автоматски, машински превод на видеото. Процедурата за вклучување е следна – кликнете врз иконата Settings, запченикот во долниот десен агол, и изберете ја опцијата Subtitles/CC. По ова изберете Auto-translate и од листата со понудени јазици изберете Macedonian.

Како функционира мачешкиот јазик
Клучни зборови: