Изборот на темна боја за заднина кај апликациите и кај оперативните системи освен естетскиот ефект, има и други позитивни страни. Темната заднина овозможува полесна читливост на текстот на електронскиот уред и помалку ги оптоварува очите. Но, она поради што Гугл најмногу ја охрабрува употребата на темни теми е фактот што тие трошат помалку енергија, па батеријата на корисникот трае подолго.
Заклучокот од Android Dev Summit самитот, одржан минатата недела, е поддржан од истражувањата во коишто била споредена потрошувачката на енергија на мобилните уреди при употреба на теми во повеќе различни бои.
Најголемата програмерска заедница за развој на програми за мобилни уреди, XDA Developers, наведува неколку наоди од истражувањата. Нивото на осветленост има, во најголем дел, линеарно влијание на потрошувачката на енергија на мобилниот уред. Дури и при нагоденост за максимално осветлување, користењето темна тема може да заштеди дури 63% од енергијата на батеријата кај уредите со AMOLED дисплеи. Изборот на посветли нијанси за заднинските теми ја зголемува потрошувачката. Па така, колку заднинската боја е посветла, толку повеќе таа ја оптоварува батеријата, при што белата боја влече најмногу енергија за осветлување на екранот.
Потврдата на она што повеќето програмери и некои корисници веќе го имаа забележано и не е некое изненадување. Но, ако се има предвид охрабрувањето за употреба на потемни заднински бои, природно се поставува прашањето: Дали наскоро е на повидок и Андроид ОС целосно обоен во темна боја?