Рубрика: Историја и археологија
Најстарите пештерски цртежи во светот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 09.11.2018 - 13:00

Фигуративните уметнички цртежи откриени на ѕидовите од пештера во провинцијата Источен Калимантан на Борнео, може да му го одземат приматот на бикот од Алтамира како најстаро уметничко дело.

Во трудот објавен во списанието Nature, Максим Оберт, од австралискиот Универзитет Грифит, открива црвено-портокалов блед цртеж на којшто е прикажано животно што не може лесно да се идентификува. Ова е само еден примерок од мноштвото цртежи што ги красат ѕидовите на пештерите во областа Лубанг Џериџи Салех од полуостровот Сангкулиранг-Мангкалихат на Борнео. По низа анализи на наслагите од калциум карбонат наталожени на врвот од сликата, научниците ја процениле нејзината минималната старост на најмалку 40 000 години.

Како што тие пишуваат се работи за"најстаро датиран примерок на фигуративно уметничко дело од било каде во светот". Освен со бројни фигури од животни, пештерите изобилуваат и со т.н. "ракавици",  уметност создадена со поставување на раката на ѕидот и нејзино прекривање со пигмент, при што како резултат се добива негативен отпечаток од шаката.

Оберт и неговите колеги ја проценија староста на два од овие цртежи на 37 000 години, додека третина од сликите можеби се стари и до 52 000 години. Служејќи се со техниките за датирање, но и со визуелни докази, истражувачите забележале три различни фази во уметничките стилови на пештерите, што е можно да ги одразуваат длабоките културни промени во текот на илјадниците години. Следејќи ги црвено-портокаловите фигури и “ракавици”, во распон од неколку илјади години, забележале дека црвениот пигмент што преовладува во постарите слики се користел за приказ на сложени мотиви (но и на повеќе ракавици). Овој период завршил некаде пред околу 20 000 години, кога почнуваат да доминираат виолетови прикази на луѓе.

Староста на првите уметнички дела ги поместува доказите за најрана фигуративна уметност од западниот свет кон исток, и притоа покренува низа фасцинантни прашања. Според истражувачите "Очигледно е дека карпестата уметност се појавува на Борнео во приближно исто време со појавата на најраните форми на уметнички израз во Европа, наоди поврзани со доаѓањето на современите луѓе".

Тие додаваат дека “Слични пештерски уметнички традиции се чини дека се појавуваат во приближно ист временски период, на далечниот запад и на далечниот исток од Евроазија. Дали се работи за чиста случајност, или појавата е резултат на културна конвергенција во два далечни и одделни региони, или, пак, се работи за последица на големите миграции на иста Евроазиска популација, или зад приближно истовремената појава се крие сосема друга причина, засега останува непознато. "

Клучни зборови: