Драго ми е што, ете, дочекав да присуствувам на 26-то Издание на ФДФМ – камера 300. На некој начин сум и хроничар на оваа прекрасна манифестација од којашто многу научив за краткометражниот филм.
Поради оправдани причини, оваа година на подиумот не се појави Стефан Хаџиантоновски, па на негово место присутните гости од Македонија и од странство ги поздрави г. Стојан Стојановски, член на советот на фестивалот. По уводниот збор на г. Стојановски, 26. по ред фестивал свечено го отвори градочалникот на град Битола, м-р Наташа Петровска.
Во конкуренција на фестивалот пристигнаа 53 документарни филма, а Интернационалното жири во состав Љупчо Петровски – Р. Македонија, доц. д-р Антон Антонов – Р. Бугарија, Владимир Ангелковиќ – Р. Србија, проф. д-р Мишо Нетков – Р. Македонија и Деметрио Павлидес – Грција, донесе одлука во официјална проекција да се прикажат 11 филма на 2.11.2018 година и на втората проекција следниот ден да се прикажат 6 филма.
Со едногласна одлука на жири-комисијата најпрестижната награда Гран При му припадна на авторот Љупчо Ристовски од Македонија за филмот “Кључарот Цако”. Секако, да ги споменам и останатите наградени филмови:
НАГРАДЕНИ ФИЛМОВИ ВО ОФИЦИЈАЛНА ПРОЕКЦИЈА
ПРВА ПРОЕКЦИЈА – 02.11.2018 година
– “Мојот живот“ на авторот Игор Стојковски освои Златна медаља на UNICA,
– “Повик” на авторите Драго Латиновиќ и Илија Галоља од Р. Србија освои Златна Камера 300,
– “Камените кукли раскажуваат“ на авторот на филмот Анита Ѓорѓиеска од Македонија се стекна со Плакета за репортажа,
– “Никогаш повеќе“, автор на филмот Ема Лазарова од Македонија, се стекна со Сребрена камера 300,
– “Москополе денес“, на автор Диме Талевски од Македонија ја доби Плакетата за камера, што ја доделува Општината Битола.
– “Без смисла“ од авторот Ролф Мандолези од Италија се закити со Бронзена камера 300,
– “Чифте чамче“ од авторoт Христијан Кочовски од Македонија освои Специјална Плакета за негување на традицијата во филмот.
– “Држава Вевчани Карневал“ од авторот Томе Љушев од Македонија освои Плакета за монтажа,
– ”Жртви на технологијата“ на авторот Петар Узуновски од Македонија освои Плакета за Идеја,
ВТОРА ПРОЕКЦИЈА – 03.11.2018 година
– “Банатски блуз“ од авторот Радован Ѓериќ од Србија се стекна со Плакета за режија,
– ”Двојните цркви во кумановско” на Валентина Андреиќ од Македонија освои Специјална Плакета за истражувачка сторија
– ”Дарителот“ на авторите членови на Кино Клубот “МАДАРСКИ КОННИК“ од Бугарија се стекна со Специјална Плакета за негување на историски теми,
– “Шегаџии” на авторот В. Илиев од Бугарија, освои Специјална Плакета за тематски пристап,
– “Баба Петра“ на авторот Иван Белул од Македонија освои Специјална Плакета,
Посебна плакета му беше доделена и на кино-клубот Прилеп којшто имаше најмногу автори на фестивалот за оваа година 2018.
Општ е впечатокот дека фестивалот од година во година е во подем, доаѓаат филмови од цел свет. Секако ја искористив можноста да поразговарам со дел од учесниците, нивните впечатоци, но и со членови на стручното жири. Провејува извесно мислење дека некои филмови се во рамките на документарниот филм, но со подолга содржина.
На крај да споменам дека Фестивалот “Камера 300 “ е поддржан од Агенцијата за филм на РМ и од канцеларијата на Градоначалникот на општина Битола. Фестивалот се одржува во склоп на празнувањето 4-ти Ноември, денот на ослободувањето на Битола.