Еден брод на дното од Црното Море е најстариот недопрен потонат брод што било кога бил пронајден, објави неодамна Гардијан.
Се претпоставува дека бродот најверојатно наликувал на корабите од античките вазни со често портретирана сцена од патешествијата на Одисеј. Бродот потонал под морето пред повеќе од 2400 години, во близина на брегот на Бугарија, и сега се наоѓа на длабочина од два километри. Поради недостатокот од кислород на оваа длабочина, бродот долг 23 метри е многу добро сочуван, сосе недопрен јарбол, веслачки клупи и кормило. Истражувачите претпoставуваат дека се работи за трговски брод од антиката, со градба којашто досега беше позната само по сликите зачувани на керамичките артефакти од овој период.
Бродот е еден од 60-те новооткриени остатоци пронајдени од меѓународниот тим составен од археолози, научници и океанографи, коишто во период од три години ги истражуваа слабочините на Црното Море со цел подобро да го разберат влијанието на праисториските промени во висината на нивото на морето.