Две сателитски галаксии на Млечниот Пат, Малиот Магеланов Облак и Големиот Магеланов Облак, се судриле пред само неколку стотина милиони години, открија американските астрономи.
Недвосмислениот доказ, како што велат, е откритието дека сите ѕвезди од југоисточниот регион т.н. “крило” од Малиот Магеланов Облак се движат во слична насока и со приближно иста брзина. Како што вели Сели Oj (Sally Oey) од Универзитетот на Мичиген, “Tочно можете да видите дека крилото е одвоен регион којшто се оддалечува од остатокот на Малиот Магеланов Облак”.
Наодите се достапни на увид во трудот објавен во The Astrophysical Journal Letters.
Интернационалниот тим при нивното истражување ги употребил новите податоци добиени од GAIA, орбиталниот телескоп на Европската вселенска агенција. Тие ги “прочешлале” податоците барајќи “ѕвезди-бегалки” коишто биле исфрлени од јатата во внатрешноста на Малиот Магеланов Облак.
Астрономите од Универзитетот на Аризона уште пред неколку години предвидеа дека директниот судир би предизвикал регионот на крилото од Малиот Магеланов Облак да се упати кон Големиот Магеланов Облак, додека при разминување на галаксиите ѕвездите од крилата ќе се движат под прав агол. Набљудувањата покажаа дека крилото од Малиот Магеланов Облак се приближува кон Големиот Магеланов облак, што е потврда дека дошло до директен судир.
Ова откритие, заедно со податоците добиени од GAIA, ќе им овозможи на астрономите да ги анализираат комплексните движења на ѕвездите во внатрешноста на Малиот Магеланов Облак и дури да ги одредат факторите на неговата еволуција.