Од следната година во Сингапур ќе започнат тестовите за беспилотни лебдечки такси возила, најновата иновација од којашто се очекува да овозможи избегнување на озлогасените азиски сообраќајни метежи.
Милиони луѓе од градовите во овој регион секојдневно мораат да се соочат со хроничниот застој во сообраќајот, што поттикна трка за развој на нови алтернативни начини на превоз. Иако доброразвиениот град-држава Сингапур самиот и не страда од некои големи застои, поради неговата компактна големина и отвореност кон иновациите, тој претставува совршен тест-полигон за новите технологии.
Германската фирма "Волокоптер" во вторникот најави дека, со поддршка од тамошната влада, ќе ги спроведе тест-летовите во Сингапур во втората половина од следната година.
Електричните такси-летала од Волокоптер полетуваат и слетуваат ветикално, налик на хеликоптер. Од компанијата велат дека леталата се засноваат на технологијата на дроновите и имаат капацитет од два патника коишто можат да ги пренесат на оддалеченост до 30 километри.
На тестовите во Сингапур им претходеше јавна демонстрација на можностите на леталата, којашто се случи минатата година во Дубаи. Од Волокоптер велат дека нивното летало со ист назив, Волокоптер, е создадено за намена во градовите и ги издржува малите турбуленции во околината на облакодерите, овозможувајќи им на патниците “мазен” лет. Истовремено, самото возење е толку тивко, што дури и на висина од 100 метри, звукот од работата на моторот не може да се раздели од вообичаените заднински звуци на градскиот метеж.
Волокоптер може да се управува со џојстик, од пилотот во него, или пак со далечинска контрола од друга локација на тлото. Од компанијата велат дека најнапред планираат воспоставување на фиксни линии во градовите, за потоа можностите на летечкото такси да бидат надополнети и со услуги на повик.
Компанијата во Сингапур ќе отвори и центар за дизајн на производи и инженеринг, со што ќе ги поддржи нејзините планови за проширување.