Amazon го поднови популарниот читач и електронска џебна библиотека Kindle Paperwhite, додавајќи му низа нови карактеристики што претходно беа достапни само кај повисокиот модел на Kindle, Kindle Oasis.
Новиот Paperwhite e потенок и полесен, но и водоотпорен за да може да уживате ја вршите вашата “читачка дејност” и од удобноста на вашата када. Покрај ова додадена е опцијата Audible што овозможува лесно префрлување од класичниот начин на читање во модот за слушање на книгата, при што уредот има пристап до светски најголемиот избор на аудиокниги.
Новиот дизајн доаѓа со мек материјал од задната страна што овозможува посигурен фат на уредот, додека предниот дел има потенка контура којашто дава елегантен изглед. Самиот уред е дебел едвам 8,18 mm и тежи само 182 грама. Има 6-инчен дисплеј со резолуција од 300 ppi, којшто вклучува 5 LED и прилаголдливо предно светло за униформна осветленост без одсјај на екранот при сите режими на работа.
Како што нагласивме, новиот модел на Kindle Paperwhite е и водоотпорен, па ќе издржи некое време ако читајќи заспиете во кадата и го испуштите во водата, или, пак, ако некој ви го турне во базенот додека се релаксирате покрај него. Сè на сè ќе имате 60-тина минути да реагирате и да го пронајдете уредот, бидејќи токму толку е гаранцијата дека ќе издржи нурнување под вода длабока најмногу 2 метра.
И сега најбитното, новата генерација на Kindle Paperwhite има двојно поголемо место за складирање на книгите во електронски или во аудиоформат, па така сега се нуди избор помеѓу модели со мемориски капацитет од 8GB и 32GB.
Инаку цената на основниот модел на Kindle Paperwhite засега е 129,99 американски долари, а испораката се очекува да започне на 7 ноември оваа година.