Рубрика: Астрономија и астронаутика
Младата ѕвезда со четири гасни џинa ги збуни астрономите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.10.2018 - 11:00

Четирите масивни планети во орбита околу ѕвездата CI Tau

Младата ѕвезда CI Tau има планетaрен систем што повеќе им прилега на постарите ѕвезди. Овој планетарен систем ги збуни астрономите и одново го стави на тапет прашањето како планетите се формираат.

Sвездата e стара “едвам” две милиони години, а околу нејзе веќе кружат четири планети од типот на гасни џинови. Ова е прв случај ваков систем од масивни планети да биде откриен во орбитата на толку млада ѕвезда. Откритието покрена низа нови прашања од областа на формирањето и еволуцијата на планетарните системи, бидејќи досега се мислеше дека за формирање на планети од типот на гасни џинови се потребни барем 10 милиони години.

Ѕвездата CI Tauri (скратено име: CI Tau) од соѕвездието Taurus (Бик) се наоѓа на оддалеченост од 500 светлосни години од Земјата, а веќе од поодамна беше мета на интерес на астрономите поради откритието на првата масивна планета од типот на “топол Јупитер” во многу блиска орбита околу откриената млада ѕвезда.

Со употреба на радиотелескопот АЛМА (Atacama Large Millimetre/submillimetre Array) во пустината Атакама во Чиле, тимот научници предводен од Кејти Кларк од Институтот за Астрономија при Универзитетот Кембриџ во Обединетото Кралство, пронајде докази за постоење на уште три гасни џинови коишто се наоѓаат во орбита околу младата ѕвезда. Откритието неодамна е објавено во The Astrophysical Journal Letters.

Сликите од АЛМА откриле три видливи празни патеки во протопланетарниот диск околу ѕвездата, а според истражувачите, појавата најверојатно е предизвикана од гравитациските ефекти на планетите што орбитираат околу младата ѕвезда.

Нивните орбити во голема мера се разликуваат во пречникот: планетата најблиска до CI Тау Tau се наоѓа во орбита што е многу поблиска од орбитата на Меркур околу нашето Сонце, додека најдалечната планета во системот се наоѓа 1000 пати поголемо растојание од оваа прва планета, со што поставува и своевиден рекорд за орбита со засега најголем забележан пречник.

Двете надворешни планети се со маса приближна на масата на Сатурн, додека едната внатрешна планета е со маса на Јупитер а другата е со десет пати поголема маса.

Иако околу 1% од ѕвездите во својот систем имаат планета од типот на “топол Јупитер”, повеќето од нив се стотина пати постари од CI Tau. Засега е непознато дали овие други планетарни системи имаат слична екстремна архитектура, бидејќи нивните протопланетарни дискови одамна исчезнале.

Истражувачите подеднакво не се сигурни и дали надворешните планети го “поттурнале” оние од внатрешноста кон нивната ултра-блиска орбита и дали на овој начин  би се објаснило постоењето на планети од типот на “топол Јупитер”.

Формирањето на надворешни планети со големина на Сатурн околу волку млада ѕвезда е исто така необично откритие, бидејќи формирањето на гасни планети со оваа големина вообичаено е многу бавен процес.

Клучни зборови:
Четирите масивни планети во орбита околу ѕвездата CI Tau

Четирите масивни планети во орбита околу ѕвездата CI Tau (уметничка визија)

Планета од типот топол Јупитер во блиска орбита околу младата ѕвезда

Планета од типот топол Јупитер во блиска орбита околу младата ѕвезда (уметничка визија)

Каде на ноќното небо може да ја најдете ѕвездата CI Tau

Каде на ноќното небо може да ја најдете ѕвездата CI Tau