Младите инженери од Асоцијацијата на здруженијата на инженери – Инженерска институција на Македонија, станаа полноправна членка на Европската федерација на млади инженери. Членството го официјализираше Советот на Федерацијата, на конференцијата во Малта, која се одржа од 4-ти до 7-ми октомври, каде што ИМИ ја презентираше својата работа, како и целите и задачите што младите инженери ги имаат во оваа струкова институција.
Делегацијата во Малта ја предводеа претседателот на Инженерската институција на Македонија, професор д-р Христина Спасевска, и претставникот на младите инженери, магистер Александар Крлески.
“Ова е значаен настан за Инженерската институција на Македонија, како единствена професионална асоцијација што обединува дваесет здруженија од сите области на инженерството и ги потврдува нашите заложби континуирано да придонесуваме за подобрување на условите за работа и напредување на младите инженери во Македонија. Соочени со нивниот одлив од земјата, членство на нашата организација во Федерацијата ќе овозможи размена на искуства на европско ниво и нивно пренесување во државата, со цел да се направат ефикасни политики за нивно задржување во Македонија“, вели професор Спасевска.
За Крлески, ова е можност младите инженери од Македонија да комуницираат со повеќе од 250 илјади инженери и студенти од Европа.
“Нашето членство во Европската федерација ќе придонесе да работиме заеднички со уште 20 други организации од 17 земји, претставувајќи 250 илјади млади инженери и студенти, кои веќе се дел од Федерацијата. Наша цел е преку заедничко дејствување на граѓанско и на политичко ниво, да градиме една европска иднина, разменувајќи ги нашите знаења, искуства и култура“, додава Крлески.