Куп и Државно првенство со РУ акробатски модели, категорија Ф3А и Куп натпревар во категорија Ф5Ј
Во склоп на активностите на Воздухопловната федерација на Македонија – моделарска комисија, оваа година се организираа повеќе натпревари во категории кои претставуваат врв на воздухопловното моделарство. Па така, изминатиот викенд, 6 oктомври, се одржа воздухопловна манифестација од натпреварувачки карактер, во категориите државен КУП Ф5Ј, државен КУП и Државно првенство во категорија Ф3А.
Воздухопловната федерација на Македонија, во организација на аероклубот РЦСК Скопје го одржа државниот КУП во категорија Ф5Ј електромоторни едрилици и акробатски радиоуправувани (РУ) модели Ф3А, додека АК “Мирко Тодоровски” од Битола, го организираше Државното првенство во категоријата акробатски модели Ф3А.
Во категоријата Ф5Ј електромоторни едрилици, учество зедоа РЦСК Скопје, АК “Витачево” – Кавадарци и АК “Мирко Тодоровски” – Битола. Поради извонредните услови со коишто располага aероклубот “Мирко Тодоровски” – Битола, членовите на РЦСК Скопје решија двата натпревара да се одржат во Битола.
Натпреварот во категоријата Ф5Ј се состои во времетраење на летот и слетување на целта. Покрај секој натпреварувач имаше мерач на време и лента со којашто се одредува на кое растојание ќе слета моделот на натпреварувачот. По 6 направени летови, комисијата, предводена од главниот судија Пеце Илиевски, ги сумираше резултатите, прогласувајќи ги тројцата првопласирани на натпреварот и победникот на КУП РЦСК во категорија Ф5Ј.
Во конкуренција од 7 натпреварувачи, првото место го освои Драган Цветановски од АК “Мирко Тодоровски” – Битола, пред Гоце Јосифовски од АК “Витачево” – Кавадарци, кој се сметаше за голем фаворит. На големо изненадување, за третото место се избори Иван Христов од РЦСК Скопје. Изненадувањето е до толку поголемо затоа што тој набави едрилица само пред една недела и ова му беше прв настап на еден ваков натпревар.
Една од најатрактивните категории во РУ моделарство и, воопшто, во моделарството се моделите Ф3А РУ моторни акробатски модели. Во оваа категорија се одржаа 2 натпревара, и тоа КУП РЦСК Скопје и Државното првенство во категоријата акробатски моторни модели категорија Ф3А. Задачата на натпреварувачите беше во одреден простор задолжително да ги изведат зададените еволуции коишто ги следеше и ги оценуваше комисијата.
Согласно заедничкиот договор на учесниците, се одржаа 3 летови кои се бодуваа за КУП РЦСК Скопје и за државното првенство. На стартот се појавија 4 натпреварувачи од РЦСК Скопје и еден од АК Битола. Комисијата во состав: Горан Стевковски, Круме Димовски и Пеце Илиевски ги бодуваше еволуциите и по пресметките ги прогласија за победници следните натпреварувачи:
Првото место заслужено го освои Недан Пановски од РЦСК Скопје, пред Александар Кнежевски АК “Мирко Тодоровски” – Битола, a за третопласиран беше прогласен Иван Христов од РЦСК Скопје
Заслужено, за државен првак во Ф3А беше прогласен Иван Христов од РЦСК Скопје, пред Александар Кнежевски АК “Мирко Тодоровски” – Битола и, повторно, на третото место се пласираше Иван Христов од РЦСК Скопје.
Секако, најсветла фигура на овој натпревар беше Недан Пановски, кој прецизно и со посебен квалитет ги изведуваше фигурите. За одбележување се и пласманите на 3. место на Иван Христов, и тоа во категоријата Ф5Ј, КУП РЦСК Скопје и во склоп на Државното првенство.
Она што радува е фактот што двајца натпреварувачи се појавија со акробатски модели од типот ЈАК, со мотори од 120 КС, двајца со мотори од по 50 КС, а Александар Кнежевски со модел погонуван со електромотор. Дека има иднина во оваа категорија покажаа и подготовките на моделарите од АК “Витачево” – Кавадарци, кои најверојатно ќе се појават на натпревар и наредната година.
На најдобро пласираните на куповите им беа доделени дипломи и признанија, а тројцата најдобро пласирани на Државното првенство се закитија со медали придружени со дипломи.
По натпреварот, речиси сите натпреварувачи правеа летови по слободен состав, разменуваа модели, ги летаа, за на крајот да се организира приказ на нова техника и нови РУ модели.
Правејќи резиме, можам да заклучам дека од година во година се зголемува квалитетот на РУ моделарите и нивната бројност. Покрај тоа, голем дел од нив веќе располагаат со современа техничка опрема, но и со квалитетни модели, особено во категоријата Ф5Ј. Веќе постојат амбиции за настап на меѓународни натпревари, а селекторот Здравко Тодоровски навистина ќе биде задоволен од постигнатите резултати.
Морам да додадам дека натпреварот помина во беспрекорна организација, за што помогна инфраструктурата на АК “Мирко Тодоровски” – Битола, потпомогнaта со материјални средства од РЦСК Скопје. Цел натпревар помина во вистинска фер и спортска борба со меѓусебна помош, како во фаза на натпреварот, така и со размена на технички средства.