Рубрика: Психологија
Како мозокот ја монтира лентата на вашите сеќавања
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 09.10.2018 - 11:30

Делот од мозокот наречен хипокампус можеби е монтажер на филмската лента на нашиот живот, постојано сечејќи ги искуствата на мали “резови” што можат да се складираат во мозокот како сеќавања. Ова е накратко идејата презентирана во новиот труд објавен вчера во Journal of neuroscience. Истражувањето се заснова на анализа од мозочните снимки на луѓе направени додека тие гледале одредена филмска драма.

Според меморискиот психолог Гејбриел Радвански, од Универзитетот Нотр Дам во Индијана, овој вид истражувања им помага на психолозите да одредат што претставува еден “настан” од гледиште на мозокот. Голем дел од лабораториските тестови на меморијата вклучуваат помнење на мали здодевни листи со информации. Но, “сувите” информации не се дел од секојдневното искуство на човековиот мозок. Според Радвански “мозокот е создаден за да се справи со комплексни настани”.

Како метод на апроксимација реалниот живот, научниците се послужиле со податоците добиени од едно претходно истражување направено за друг поголем проект. При ова истражување 15 луѓе ја гледале филмската драма “Форест Гамп”, додека на 253-ца им била прикажувана тв-драмата “Бенг! Мртов си” од Алфред Хичкок. На сите доброволци во текот на следењето на филмот им била правена магнетна резонатна снимка на мозокот. Одделно од нив, 16-мина набљудувачи ги гледале обата филма и притискале копчиња со коишто означувале каде, според нивното мислење, еден настан завршува а друг започнува.

Потоа, истражувачите ја споредиле за мозочната активност запишана на снимките со преодните точки што биле означени од шеснаесетмината набљудувачи. Хипокампусот, делот од мозокот важен за меморирање и навигација, покажал особена активност во овие точки. Кога истражувачите поподробно го разгледале однесувањето на хипокампусот за време на следењето на целиот филм, мозочната структура била најактивна во моментите означени како преодна точка од еден во друг настан.

Промените не секогаш вклучувале скокови на нови места или во друго време во филмската приказна. Еден таков суптилен премин се случува, на пример, на почетокот од филмот “Форест Гамп”, кога главниот лик седи молчешкум на клупата за потоа одеднаш да изусти: “Здраво. Се викам Форест. Форест Гамп”. Оваа континуирана филмска сцена хипокампусот ја поделил на две “сцени”, пред и по говорот. Според истражувачите, овие поделби најверојатно му помагаат на мозокот да ја спакува информацијата на помали парчиња што полесно можат да се складираат како сеќавања.

Се разбира, филмовите претставуваат само апроксимација на доживувањата од реалниот живот, па така не е сосема јасно како хипокампусот се однесува кога луѓето се лично засегнати и вклучени во настаните.

Клучни зборови: