Рубрика: Информатика
Преименување на Wi-Fi стандардите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.10.2018 - 11:30

Нема ништо пофрустирачко од обидот да се справите со разноразните WiFi спецификации и да се обидете да разберете што точно се крие зад секоја од нивните ознаки. Токму од овие причини Wi-Fi Алијансата,  група компании што го поддржуваат техничкиот напредок на Wi-Fi, се откажува од досегашното, помалку збунувачко бележење на различните Wi-Fi стандарди. Да се потсетиме, досега стандардот на мрежата се одбележуваше со еден куп бројки и понекоја буква, на пример, 802.11, 802.11b итн.

Сега,  според новите правила на Wi-Fi Алијансата, производителите ќе ги заменат овие ознаки со нешто многу поедноставно. Па така, најновиот Wi-Fi мрежен стандард, досега именуван како 802.11ax, ќе ја носи ознаката Wi-Fi 6. Преименување ќе се направи и ретроградно, сè до првите Wi-Fi стандарди. Соодветно на ова првиот стандард од 1999 година со ознака 802.11b ќе биде преименуван во Wi-Fi 1, а последниот од 2014 година, наместо ознаката 802.11ac, отсега па понатаму ќе биде познат како Wi-Fi 5.

Новото преименување ќе значи многу за оние што не се толку потковани со технички знаења. Ќе даде едноставен и јасен преглед на имињата што сега лесно ќе се памтат и следат, со што ќе овозможи и полесно прифаќање на новите технолошки стандарди – нели, никој не би сакал сè уште да работи со стариот Wi-Fi 3 рутер кога сите негови уреди веќе имаат можност за поддршка на Wi-Fi 5 ;) .

Големите компании како Qualcomm, Broadcom, Intel, MediaTek и Netgear, веќе се согласија за примена на стандардите, а мислењето е дека и другите производители на Wi-Fi опрема ќе го следат трендот на промена. Воведувањето на новата шема на имиња за стандардите ќе оди бавно, поради тоа што на полиците во продавниците се присутни производи со старата ознака.

Засега, извесно е дека Netgear прв ќе почне со испорака на производи на коишто ќе стојат новите ознаки.

Клучни зборови: