Еден нов вид боја, на база на полимер, ја рефлектира речиси целата сончева светлина, со што може да помогне во ладењето на згради, автомобили, авиони и други структури што се постојано изложени на сонце.
Бојата, како што беше опишано во онлајн изданието на Science мининатата недела, може да се нанесува на различни површини, вклучувајќи пластика, метал и дрво, на прекривки за автомобили, но и кај други затворени простории, па дури и за бојосување на цели куќи.
Јуан Јанг и неговите колеги од Универзитетот Колумбија го создадоа овој топлински отпорен материјал од вода, ацетон и полимер од типот поливинилиден флуорид ко-хексафлуоропропен или скратено наречен поли. Кога бојата ќе се исуши, по испарувањето на ацетонот и водата, на површината останува полимерот исполнет со воздушни џебови. Овие мали шуплини со големина од неколку нанометри до неколку микрометри, одбиваат повеќе од 96 проценти од сончевата светлина на којашто се изложени. Колку за споредба, другите видови бела боја наменети за ладен покрив можат да рефлектираат најмногу до 85 проценти од сончевата светлина.
Порозната структура на филмот од боја овозможува топлината што се апсорбира во материјалот полесно да се ослободи назад во воздухот. Во практичните тестови, слој од оваа полимерна боја под врелото сонце во Феникс, Аризона, успеал да остане 6°C поладен споредено со температурата на околниот воздух.
Употребата на оваа боја како топлински штит би можела да има значителен удел во намалувањето на потрошувачката на електрична енергија што се користи за ладење на простории во топлите предели, а може да пружи и како солидна заштита од топлотните бранови на локации каде нема електрична енергија.