Рубрика: Астрономија и астронаутика
Ледениот кратер на Марс
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 28.09.2018 - 11:45

Сликата во прилог го покажува работ на кратерска дупка во регионот Sisyphi Plasnum на планетата Марс. Сликата е комбинација од повеќе колор и стерео-фотографии, направени од сондата на ESA, Exo Mars, којашто веќе подолго време орбитира околу Марс. Фотографиите се направени неодамна, на 2 септември 2018 година, во моментот кога сондата прелетуваше над јужната хемисфера на Марс.

На сликата во прилог се гледаат интересни детали, меѓу кои особено впечатлива е белата површина во левиот долен дел на фотографијата. Според научниците, таа бела површина е, всушност, ледена наслага, остаток од некоја поголема ледена површина фомирана околу работ на кратерот во време на студените периоди. Но, со промената на климатските сезони, ледот од таа површина сублимирал и со тоа ни открил и дел од површината на кратерскиот раб. Да објасниме, сублимација е директно преминување на некоја супстанција од цврста во гасовита агрегатна состојба, без да помине низ течна агрегатна состојба.

На спротивниот раб од кратерот гледаме сосема поинаква слика. Мрежа од испреплетени мали засеци од мраз во облик на запци, што асоцира на смрзнати остатоци од некакаков претходен воден тек. Но, не е јасно како и каде тој воден тек би можел да настане, па научниците претпоставуваат дека таа мрежа од тесни ледени каналчиња е остаток од замрзната слана, делумно истопена во време на периодите со потопла клима.

Како и да е, повеќе детали за природата на овој леден кратер, а со тоа и за климатските услови што владеат на Марс, најверојатно ќе бидат познати кога за неговата природа ќе се дискутира на конгресот на European Planetary Science, закажан за идната недела.

Клучни зборови: