Рубрика: Геологија
Скриениот талент на опасниот исландски вулкан
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.09.2018 - 10:30

Еден од најактивните вулкани на Исланд испушта изненадувачки високо ниво од јаглероден диоксид во атмосферата. Количините од јаглероден диоксид коишто ги испушта вулканот Катла, познат по честите и експлозивни ерупции, се поголеми од емисиите на кој и да е вулкан на Земјата.

Вулканот последен пат еруптирал во далечната 1918 година и се наоѓа закопан под глечерот над него. За време на истражувачките прелети во околината на Катла во 2016 и 2017 година, група научници од Универзитетот во Лидс забележале невидлив гасен облак којшто изобилувал со јаглерод-диоксид. Тимот открил дела вулканот секојдневно испушта некаде помеѓу 12000 и 24000 тони гас, со што е еден од најголемите вулкански извори на јаглероден диоксид на планетава.

Гасот најверојатно потекнува од магмата длабоко под куполата на вулканот. Потребни се повеќе истражувања за да се види дали емисиите од јаглерод-диоксид варираат во текот на годината, како и да се истражи што точно значи оваа емисија за ерупциите што следуваат во иднина. Истражувачите исто така ќе испитаат дали и другите вулкани покриени со подебел слој на мраз емитуваат поголеми количини на јаглероден диоксид.

Клучни зборови: