По години седење настрана и чекајќи на маргините, Google конечно стисна заби и навлезе во автомобилската идустрија. Google Maps, App Store и Google Assistant наскоро ќе бидат дел од опремата во автомобилите, односно барем во некои од нив.
Како дел од напорите за модернизација на функционалноста и забавата во автомобилите, Google влезе во партнерство со алијансата Рено-Нисан-Мицубиши. Партнерството ќе го внесе системот Android Auto во милиони автомобили во светот. Не се работи само за можност да го приклучите вашиот Андроид телефон во автомобилскиот систем, туку целиот систем во автомобилот ќе биде изграден и управуван од Андроид платформа.
Се работи за одличен исчекор на Google, бидејќи според извештаите, алијансата продава најголем број автомобили во светот. Другите производители на автомобили се колебаа околу примената на Андроид платформа, делумно поради тоа што ова значи препуштање на дел од контролата на ИТ индустријата, а тука е и реалната загриженост за безбедноста и опасностите од вградувањето на отворена платформа како Андроид во автомобилите. Ако производителот примени софтверски систем како оној од Bosch, на пример, тогаш тој ќе може да го приспособи според неговите потреби и сам да ги “жнее” податоците добиени од корисниците. Со употреба на Андроид системот, најголем дел од добиените податоци ќе бидат под контрола на Google.
Употребата на Android Auto како основна опрема во голем број автомобили ќе значи подготвеност на автомобилската индустрија да се приспособи на промените. Уште од појавата на паметните телефони, производителите на автомобили мака мачеа да ги вклопат на некој начин нивните функционалности во автомобилот. Дури и денес, некои од начините на приклучување можат да бидат мошне сложени, но голем број од компаниите овозможуваат користење на основните телефонски функции, како навигација и блутут поврзување, како стандард во основните модели на автомобили.
Одлуката за внесување на Андроид платформата во системот наместо некој приспособен приклучок доаѓа природно, бидејќи голем дел од луѓето веќе се запознени со платформата и со апликациите на Google, а исто така подеднакво голема е и употребата на навигацијата од телефонот, на сметка на навигациските системи во автомобилите. Меѓу другото, алијансата веќе неколку години наназад го нуди софтверот како опција за нивните автомобили.
Првите автомобили со целосен Android систем групацијата Рено-Нисан-Мицубиши ќе ги испорача некаде во 2021 година. Со нив корисниците ќе имаат брз пристап до апликациите Maps, Play Store и до гласовно управуваниот Assistant на Google.
Интересно ќе биде да се види одговорот на остатокот од автоиндустријата на ова партнерство. Веќе се знае дека Волво најави употреба на Андроид во следната генерација автомобилски системи.