Во рамките на активностите на Воздухопловната федерација на Македонија, моделарската комисија, оваа година се организираа повеќе натпревари во категории коишто претставуваат врв на воздухопловното моделарство. Па, така, изминатиот викенд, на 15 и 16 септември се одржа воздухопловна манифестација од натпреварувачки карактер, но и со цел размена на искуства и рекреативно летање со разни категории РУ модели.
Воздухопловната федерација на Македонија, во организација на аероклубот “Мирко Тодоровски – Битола“, “Фил Феникс – Прилеп“ и “Витачево Кавадарци“, одржа КУП и Државен натпревар со РУ (радио-управувани модели) во категорија Ф5Ј (РУ електро-едрилици) и Ф3А (акробатски радио-управувани моторни модели). Натпреварувачите имаа прекрасни септемвриски денови за да ги покажат своите вештини, како во текот на натпреварите по категории, така и во рекреативените летови по сопствен избор.
По два дена исцрпувачка борба за пласман, како најдобри по категории се пласираа:
Ф5Ј РУ Електро-едрилици, КУП на “Витачево Кавадарци“, на 15.9.2018 год.
1. Драган Цветановски, аероклуб “Мирко Тодоровски – Битола“;
2. Гоце Јосифовски, аероклуб “Витачево Кавадарци“;
3. Сашо Милошевиќ, аероклуб “Витачево Кавадарци“.
Една од најатрактивните категории во РУ моделарството и воопшто во моделарството се моделите Ф3А РУ моторни акробатски модели. Моделарите правеа акробации според зададена задача, односно фигурите мора правилно да се изведат со летање во одреден простор. Летовите се изведуваа пред тричлена комисија, која одделно ги оценуваше квалитетот на фигурите, при што се собираа бодовите, и така беше добиен победникот на натпреварот.
КУП Ф3А КУП на Фил Феникс – Прилеп на 15.9.2018 год.
1. Иван Христов, аероклуб “Скопје“;
2. Недан Пановски, аероклуб “Скопје”;
3. Александар Кнежевски, аероклуб “Мирко Тодоровски – Битола“.
На вториот ден од натпреварот се одржа Државното првенство во категоријата Ф5Ј, (РУ елекромоторни едрилици), со задача траење на лет и прецизно слетување. За секој натпреварувач имаше одделен мерач на време и растојание до целната точка.
Ф5Ј Државно првенство – во организација на АК “ Витачево“ – Кавадарци
1. Гоце Јосифовски, аероклуб Аеро Клуб “Витачево Кавадарци“;
2. Драган Цветановски, аероклуб „Аеро Клуб “ Мирко Тодоровски – Битола“,
3. Сашо Милошевик, аероклуб “Витачево Кавадарци“.
Во натпреварувачкиот дел, судискиот кадар предводен од главниот судија Пеце Илиевски крајно коректно ја изврши задачата, така што немаше ниту еден приговор. Сите договори се правеа заеднички, што резултираше со една крајно коректна натпреварувачка атмосфера и заврши со вистинска дружба и размена на искуства.
На најдобро пласираните на куповите им беа доделени дипломи и признанија, а на најдобро пласираните тројца на Државното првенство им беа доделени медали и дипломи.
По натпреварот, речиси сите натпреварувачи правеа летови по слободен состав, разменуваа модели, ги летаа и на крајот, секако, имаше приказ на нова техника и нови РУ модели.
Правејќи резиме, можам да заклучам дека од година во година се зголемува квалитетот на РУ моделари, нивната бројност, и веќе располагаат со современа техничка опрема, но и со квалитетни модели, особено во категоријата Ф5Ј. Веќе постојат амбиции за настап на меѓународни натпревари, а селекторот Здравко Тодоровски навистина беше задоволен од постигнатите резултати.
Морам да додадам дека натпреварот помина во беспрекорна организација, за што помогна и инфраструктурата на АК “Мирко Тодоровски – Битола“, така што веќе се закажа и следен натпревар во РУ модели, во организација на АК Скопје, но во Битола.