Рубрика: Географија
Австралија не постои, барем за рамноземјаните
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.09.2018 - 17:30

Австралија – континентот што се обидуваат да го оспорат

Некој можеби ќе каже, “Знаев, ете, дека толку бизарни суштества како тасманискиот ѓавол, коалата и кенгурот, не може да постојат, мора да се измислени!” :)

Како да не им беше доволно оспорувањето на формата на Земјата, една група луѓе по социјалните медиуми, којашто за жал засега расте, започнаа да шират фама дека целиот континент Австралија е едноставно измислен. Едните тврдења велат дека измамата е смислена за Велика Британија да го скрие убиството на осудениците кои наводно ги потопила во окенот. Според понатамошните други тврдења, се работи за смислена измама што ја пласира НАСА, а со каква цел е непознато. Во обата случаи заедничко е тврдењето дека сите ваши роднини и пријатели што живеат таму се, всушност, или измамени и живеат на друго место или, пак, се платени како актери за да ве мамат дека континентот постои. ('Каде запишуваат за вторава варијанта за да се пријавам laugh')

Според едни идејата започнала да се шири по неодамнешниот собир на рамноземјаните во Бирмингем, Англија, а други велат дека идејата и не е така нова и дека извесен блогер кој се нарекува себеси Masterchef ја пласира уште 2006 година на блогот Flat Earth Society. Како и да е, првиот вирален онлајн пост со ова тврдење е забележан минатата година, според едни на Reddit, а според други на Фејсбук, но во тврдењата сите се согласуваат дека го објавила извесна Шели Флорид (Shelley Floryd). Иако постот многу брзо е избришан, проблемот со онлајн изјавите е што каде и да постирате, постои некој што вашата глупост ја снима за подоцнежна употреба, па така од наведениот пост постои скриншот што може да го погледнете подолу на сликите. По првичната објава постот вирално се шири низ цел интернет каде до ден денес останува предмет на масовно зезање и подлога за генерирање на мемиња.

Како и да е идејата за игнорирање на постоењето на цел континент останува некаде во заднината на оние со попреченост за логично размислување. Според нив сликите од Австралија се компјутерски генерирани, австралијанците актери, а сите што мислат дека некогаш биле на овој континент биле однесени во некој дел од Јужна Америка.

Теориите на заговор понекогаш се поинтересни од вистината, особено ако се нема капацитет да се сфати вистината. Но, научната вистина секогаш е далеку поинтересна од измамата, лагата и заблудата.

Клучни зборови:
Австралија – континентот што се обидуваат да го оспорат

'Спорниот' континент

Постот на извесната Шели Флорид

Постот на извесната Шели Флорид

Дел од коментарите на гореспоменатиот пост

Дел од коментарите на гореспоменатиот пост