Рубрика: Медицина
Популарен аналгетик поврзан со ризикот за кардиоваскуларни проблеми
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.09.2018 - 10:45

Фармацевтскиот производ којшто се наоѓа во слободна продажба и е еден од најупотребуваните антивоспалеителни лекови, носи и 50% зголемен ризик за развој на кардиоваскуларен проблем, доколку се користи пречесто. Ова се резултатите од новото истражување објавено деновиве во British Medical Journal. Истражувањето го спроведе тимот истражувачи предводени од Мортен Шмид, од Универзитетот во Архус, Данска.

Лекот во САД се продава под името Диклофенак (Diclofenac), но во остатокот од светот се продава и под повеќе други имиња од повеќе производители. Кај нас е познат и како Волтарен. Се работи за нестероиден антиинфламаторен лек (НСАИЛ), кој ги намалува ефектите на воспалението, болката и треската.

Податоците собрани во текот на една деценија од Данскиот национален регистар на рецепти и пациенти, биле употребени за следење и набљудување на навиките при земање лекарства и здравствените исходи кај 6,3 милиони лица. Истражувачите го споредиле исходот помеѓу пациентите кои користеле диклофенак; оние кои земале два други слични НСАИЛ, ибупрофен и напроксен; не-корисници на НСАИЛ; и пациенти кои употребувале парацетамол, којшто не е НСАИЛ.

По само 30 дена следење, бројот на пациентите со диклофенак кои доживеале проблеми со срцето, вклучувајќи аритмија, срцев удар, срцева слабост и мозочен удар, бил значително повисок споредено со оние во сите други групи. Споредбите меѓу поединечните групи покажале дека корисниците на диклофенак имале 50% поголеми шанси да доживеат проблеми со срцето во споредба со некорисниците, 30% поголема веројатност во споредба со корисниците на напроксен и 20% поголема веројатност споредено со корисниците на парацетамол или ибупрофен.

Трендот продолжил да се јавува и при испитувањето на односот меѓу диклофенакот и кардиоваскуларните болести со поделба на испитуваната популација според основниот кардиоваскуларен ризик – низок, умерен или висок. Истражувачите откриле зголемен ризик од срцеви проблеми и смрт кај луѓе што користеле и високи и ниски дози на лекот (дефинирани како таблети од 100 милиграми и помалку од 100 милиграми), независно од полот и возраста.

Оние што претпочитаат користење на диклофенак исто така имаат и двојно зголемен ризик од гастроинтестинални крварења, споредено со оние на ибупрофен и парацетамол, како и четирикратно зголемен ризик во споредба со некорисниците.

Веќе претходно едно истражување од 2013 година изрази загриженост во врска со ризиците за развој на кардиоваскуларни состојби предизвикани од други НСАИЛ медикаменти, познати како "коксиби". Тогашното истражување ги спореди резултатите од корисниците наспроти неупотребата на НСАИЛ, по што беше апелирано овие лекови да се издаваат само на рецепт.

Шмит и колегите признаваат дека во при истражувањето не биле разгледувани механизмите што ги поврзуваат диклофенакот и негативните здравствени последици, туку дека резултатите се добиени само со статистичко набљудување. Сепак, тие предупредуваат дека лесната достапност и слободната продажба на диклофенакот може да се претвори во сериозен проблем за здравјето на луѓето.

Тие се надеваат дека резултатите од ова истражување ќе ги натераат лекарите да размислат пред да препишат некој лек и ќе ги поттикне да ја разгледаат употребата на други побезбедни лекарства.

Клучни зборови: