Рубрика: Архитектура и градежништво
Промовирана книгата “Градови за луѓе“ од професор Јан Гел
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 07.09.2018 - 16:45

Книгата “Градови за луѓе“ од светски познатиот професор и архитект Јан Гел беше промовирана и на македонски јазик во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.

За да се унапреди урбаното живеење во Скопје, според принципот на “Град за луѓе“, Градот потпиша писмо за намери за соработка со професор Гел. Со писмото за намери се утврдува можната соработка меѓу Градот Скопје и професор Гел, за анализа на Скопје од аспект на хумано живеење. За таа цел, планирано е да се формира група од десетина перспективни урбанисти кои своите сознанија би ги десеминирале соодветно на потребите на градот Скопје. Групата ќе работи под надзор на професор Гел.

“Од она што го видов, имам силно чувство дека Скопје се соочува со исти тип проблеми како многу други градови во Источна Европа, градови развиени по падот на Берлинскиот ѕид и новата слобода, која ја разви и љубовта кон автомобилската индустрија. Станува збор за интензивна, но незрела љубов. Не се постигна баланс меѓу добар и моторизиран град“, изјави Јан Гел.

Професор Јан Гел е доајен на проектирањето јавни простори и незаменлив филозоф кој се занимава со градовите. Со своето нескромно знаење и искуство ќе даде позитивен придонес за хумано живеење во градот Скопје и ќе се овозможи унапредување и разубавување на урбаниот лик на Град Скопје преку отворање, проширување и зачувување на јавните површини.

Потпишувањето на Меморандумот и промоцијата на книгата “Градови за луѓе“ е во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.

Според професор Миле Димитровски, претседател на Комората на Овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, остварувањето на проектот со превод на книгата на Гел и неговото донесување во Скопје и учество во програмата “Скопје – Град за луѓе“ е овозможено со активности на Управниот одбор на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

“Како Комора ги водевме активностите за издавање на книгата “Градови за луѓе“, заедно со издавачката куќа Магор и со Министерството за култура, за што особено сме благодарни. Комората е подготвена и натаму да учествува во соработката и неопходно е на вистински начин да ја искористиме присутноста на овој светски архитект во Скопје. Очекувам Градот Скопје да ги препознае можностите и да го ангажира Гел и другите стручни лица за да се почне со студиозно решавање на некои состојби во Скопје, за да стане Град за луѓе. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изрази сериозна заинтересираност за соработка и искажа подготвеност да помогне во остварувањето на неговите визии за Скопје. КОАИ му благодари на Гел за личното присуство на денешната промоција на книгата и на тркалезната маса“, вели професор Димитровски.

Книгата “Градови за луѓе“ досега е преведена на 37 светски јазици.

Клучни зборови: