Kомпозитните материјали од пластика и дрво одамна се едни од омилените материјали на сопствениците на куќи кои тежнеат по оној природен изглед на нивните тераси и огради, а немаат доволно време за редовно шмирглање, заштита и боење. Но, овие композитни материјали ја немаат цврстината на природното дрво, а уште еден недостаток е и полесната запаливост споредено со дрвото. Сега, истражувачите велат дека создале синтетичко дрво (на сликата) чиишто карактеристики во поглед на цврстината и огноотпорноста му парираат на природното дрво.
Kлучен елемент за постигнување на цврстината на дрвото е компонентата наречена лигнин, којшто е природен полимер со пајажинеста структура што се врзува заедно со малите кристали од другата компонента, целулозата. Новите композити го заменуваат лигнинот со синтетичката полимерна верзија наречена резол (форма на смола од фенол формалдехид), која има слична пајажинеста структура. Истражувачите користеле резол за поврзување на повеќе различни синтетички кристалити за да добијат цела палета на различно синтетичко дрво на коешто бојата и другите својства може да се нагодат со додавање различни количини од кристалитите.
При врзувањето композитите, добиваат структура којашто на лик е слична на клеточната структура на дрвото. Ова им овозможува на материјалите да трпат поголема компресија, давајќи им поголема сила и цврстина. Со оглед на тоа што резолот е огноотпорен, крајните композити не се запаливи дури и кога се директно изложени на активен пламен, известуваат научниците во Science Advances.
Уште една предност на новите материјали е тоа што, за разлика од дрвјата на коишто им се потребни децении да за да пораснат, новата синтетичка верзија се оформува за само неколку часа.