Автомобилската компанија Ford го произведе 10-милионитото возило Mustang, најпродаваниот спортски автомобил во Америка во последните 50 години и најдобро продаван автомобил во светот во последниве три години. Десетмилионитиот Ford Mustang е кабриолетот 2019 Wimbledon White GT V8, со 460 КС и 6-брзински рачен менувач. Опремен е со најнова технологија за помош на возачот и е произведен во фабриката во Мичиген.
Првата серија Mustang (VIN001) е произведена во 1964 година, во иста боја и беше модел со тристепен рачен менувач и V8 мотор со 164 коњски сили.
Ford го прослави јубилејот со вработените во седиштето на компанијата во Дирборн, Мичиген, и во фабриката Флат Рок, САД. Свеченоста ја збогатија три борбени авиони P-51 Mustang од времето на Втората светска војна, кои се произведени пред повеќе од пет децении, а прелетуваа од Дирборн до Флат Рок, каде што моментално се произведува моделот Mustang.
Во текот на 54-годишната историја на производство, Mustang се произведувал и во Сан Хозе во Калифорнија, Метучен во Њу Џерси и во фабриката за производство во Дирборн, Мичиген.
Mustang е најпродаваниот спортски автомобил во Америка во последниве 50 години. Оваа статистика произлегува од анализата на Ford за вкупниот број новорегистрирани возила во САД од 1966 до 2018 година, во сите сегменти на спортски автомобили, според IHS Markit (компанија што обезбедува податоци и информации за разни индустрии).
Досега, Ford продал повеќе од 38000 возила од типот Mustang во Европа, почнувајќи од 2015 година, кога моделот за првпат почна да се продава на овие простори. Покрај тоа, минатата година продажбата на Mustang ја надмина онаа на Porsche 911 на 13 европски пазари, меѓу кои се и пазарите во Обединетото Кралство и во Шпанија. Обединетото Кралство, заедно со Германија, Франција, Белгија и Шведска се петте водечки европски пазари за продажба на Mustang во 2017 година.
Најновиот Ford Mustang нуди многу повеќе технологија, возбудливи перформанси и повеќе персонализација. Има поспортски изглед, подобрена внатрешност со помеки материјали на изработка, како и 12-инчен дигитален инфо-систем. Подобрените мотори вклучуваат и 5,0 литарски В8 мотор на Ford со 450 КС и 10-степен автоматски менувач. Забрзува од 0-100 km/h за 4,3 секунди, има потрошувачка од 12,1 литар/100 km и 270 грама CO2/km*. Опцијата за мануелен пренос со шест брзини е опремена со новата технологија на Ford за усовршување и за полесни и побрзи префрлања, придружени со “blip” од моќниот мотор.
Напредните технологии за возење вклучуваат MagneRide приспособлива суспензија, избор на различни режими на возење и нова изведба на активен вентил за издувување кој обезбедува Good Neighbor начин на возење за рано наутро или доцна навечер. Новата технологија за помош на возачот вклучува поддршка за детекција на предвремени судири, рано откривање на пешаци (Pre-Collision Assist with Pedestrian Detection) и помош за возење во сопствена лента (Lane Keeping Aid).
Освен ова, Ford, претходно годинава, воведе и ново специјално издание Ford Mustang Bullitt, со што ја прослави 50-годишнината на легендарниот филм на Ворнер брос, придвижуван од напреден 5.0-литарски V8 мотор.
Ford Mustang е во својата шеста генерација. Покрај водство во продажбата, фејсбук страницата на Mustang има повеќе следбеници од која било друга марка автомобили.