По повод интернационалниот Ден на мачките еве еден кус напис којшто ја става во перспектива нивната интеракција со нас, барем онаа во којашто уживаме последниве 9000 години, откога тие официјално живеат со нас.
Мачките се префинети суштества. Поголемиот дел од времето тие се симпатични, независно од тоа дали се поспани или разиграни. Но, во други прилики тие се немилосрдни ловци со кои не треба да се шегувате.
Иако мислиме дека е симпатично да си играме со нашите мачки и да ги земаме в раце во секоја прилика што ни се пружа, постојат некои работи што ние сакаме да ги правиме со нив,а во кои тие едноставно не уживаат.
Еве седум работи што веројатно и ги правите на вашата мачка, а коишто таа потајно ги мрази.
Вашата мачка потајно мрази да ја држат како бебе
Некои мачки сакаат да ви седнат в скут или да ги подигнете в раце за галење кога се враќате дома од работа, но едно нешто што мачките мразат е да ги држите постојано в раце како бебе.
Кревањето в раце ги прави мачките да се чувстуваат несигурно и тие не можат да дочекаат да се вратат на подот, вака барем посочуваат од сајтот Healthy Pets. Кога ги држите како бебе, работите стануваат уште полоши. Иако постапката ви се чини симпатична, мачките едноставно не уживаат во неа.
Ако не сте подготвени да се откажете од оваа навика, баремограничете го времето на неколку секунди. Подолгиот временски период поминат во вашите раце е стресен за миленичето.
Вашата мачка потајно мрази постојано да ја сликате
Вие можеби уживате во правење селфиња, селфиња со вашата мачка или едноставно сметате дека ако денес не ја усликате едно 10 – 20 пати не сте ја испочитувале доволно вашата ‘кралица’.Но мора да разбете, честото фотографирање едноставно не е работа во којашто вашата мачка ужива. Блицот на фотоапаратот може да ги зашемети. Особено сурово е мамењето со играчка или посластица, со цел да добиете фотографија каква што посакувате, а потоа да го оставите миленичето само на себе. Од Reader's Digest сугерираат дека најмалку што може да направите е да издвоите време за играње за возврат на нивното учество во вашата фотосесија.
Вашата мачка потајно мрази да ја гледате директно в очи
Мачките комуницираат со очи. За нив контактот со очи претставува средство за покажување на доминација; ако првипогледнете настрана вашата мачка ќе помисли таа ја има моќта, но ако премногу долго го одржувате контактот со очите, таа овој гест ќе госмета за агресивно однесување и може да ви се нафрли и да ве "лови", вака барем велат на Feline Forever.
Трепкањето или намигнувањето кај мачките е добар знак – знак на наклонетост, што покажува дека не се чувствуваат загрозени.
Вашата мачка потајно мрази да и мјаукате
Мачките мјаукаат единствено кога комуницираат со луѓето. Ова не го прават при нивната меѓусебна комуникација, па и не очекуваат некој да им мјаука на нив. Според National Geographic, мачките со мјаукањето ја "вокализираат потребата да да го привлечат нашето внимание". Во зависност од тоа дали им треба храна, вода, чист тоалет, игра, па дури и галење, тие ќе употребат повеќе типови на мјаукање за да го привлечат вниманието.
Според д-р Гери Вајцман (Gary Weitzman), пак, претседател и извршен директор на Друштвото за хуман третман кон животните (Humane Society) од Сан Диего и СПЦА, размената на мјаукање е чин на поврзување. Тој понатаму вели дека иако се работи за типично позитивна интеракција, мачките не ги разбираат нашите специфични барања и што точно сакаме да им пренесеме.
Вашата мачка отворено мрази да ја облекувате
Ако не сте забележале, мачката од петни жили се бори со вас додека се обидувате да и го облечете тоа преслатко фустанче или палтенце. Повеќето мачки едноставно не се создадени да бидат ваши модни манекени.
Според Wide Open Pets, мачките не сакаат ништо да им го притиска крзненцето, главно поради тоа што немаат никаква потреба од тоа,а истовремено облеката им делува непријатно и рестриктивно. Ако вашата мачка сепак не се противи да ја облекувате во џемпери и да и ставате капи, тогаш барем одберете модни парчиња во коишто таа ќе може комфорно да се чувствува и движи.
Во секој случај, запамтете изреката “Трпи баба за убавина” мачките ама воопшто не ја ценат и сфаќаат.:)
Вашата мачка потајно мрази млеко
Според cattime.com, повеќето мачки се нетолерантни на лактоза. Идејата дека мачките обожаваат млеко е всушност мит.
Млекото кај повеќето мачки предизвикува непријатност и стомачни проблеми во рок од 8 до 12 часа по негово консумирање. Ова не значи и дека нема да пијат млеко ако им биде понудено, но, најверојатно, консумирањето млеко им носи повеќе штета отколку добро.
Вашата мачка потајно мрази промени во рутината
Купувањето нов вид храна, патувањето во автомобилот, селење, посетата на вашите пријатели и носењето на ветеринар, претставуваат одреден вид на промена и се стресни настани за вашата мачка.
Промените во кој било дел од околината на мачката треба да бидат постепени, за да им помогнеме да се прилагодат на нив, вака барем препорачуваат од Cat Health Network. Ако нешто е стресно за вас, тоа е исто толку стресно, ако не и повеќе стресно, за малите крзнести членови на вашето семејство.