Одлуката да се потпрат на приватните компании за превоз до вселената може да ги остави астронаутите на НАСА заглавени на Земјата, барем некаде до почетокот на следната година.
Што се случува? SpaceX и Боинг најавија дека ги одлложуваат нивните тестови за пробни летови со екипаж токму некаде до следната година. Новиот распоред на лансирања е објавен ден пред најавата на НАСА за распоредот на астронаутите за секој од летовите на овие две приватни компании коишто нестрпливо се очекуваат.
НАСА официјално планираше да ги користи услугите на SpaceX и Боинг за секој од пробните летови без екипаж, на нивните капсули Crew Dragon и CST-100 Starliner, во текот на овој месец. Боинг планираше да ги направи првите пробни летови со екипаж некаде во ноември оваа година додека истите тестови за леталата коишто треба да се вивнат во вселената со SpaceX беа закажани за идниот месец.
Со новите најави SpaceX ги презакажува пробните летови без екипаж за во ноември, додека летовите со екипаж се одложени дури за април следната година, што ги става нешто пред временската рамка за тестовите од Боинг.
Боинг на почетокот од неделава обзнани дека при статичкиот тест за активација се јавил проблем со дел од моторите. Сепак, нема најави дека одложувањето на лансирните тестови е поврзано со овие проблеми.
По повлекувањето од употреба на спејс-шатл леталата, НАСА се потпираше на соработката со Руската вселенска агенција и ги користеше леталата Сојуз за испраќање астронаути на Меѓународната вселенска станица.