Рубрика: Биологија
И стаорците се смеат
Автори: Ирена Кацеска, Невенка Стојановска
Објавено на 01.08.2018 - 13:15

Смеата е својствена за човекот (“Pour ce que rire est le propre de l'homme”) вели Франсоа  Рабле на почетокот на “Гаргантуа и Пантагруел” . О, колку ли се чини дека се излажал. Денес знаеме дека освен човекот, во смеата и насмевката уживаат и мајмуните, кучињата, делфините, а по сè изгледа, и стаорците.

Способноста за смеење на стаорците е откриена сосема случајно, кога во едно од истражувањата стаорците биле скокоткани по вратот. По неколку минути, лабораториските микрофони забележале цивкање на стаорците со фреквенција од 50 KHz. Така, било откриено дека стаорците се смеат, а освен тоа, и дека имаат скокот на вратот. Најсмешно од сè било тоа што стаорците почнале да ги препознаваат рацете што поубаво и понежно ги галат и ги скокоткаат и почнувале да се смешкаат пред да ги скокотнат.

При неколку истражувања утврдено е дека, слично како и децата, најмногу се смеат младите стаорчиња. Тие особено биле весели и се смееле при нивните игри, а исто така и кога ќе украделе нешто што им причинува задоволство, но и при наоѓање на  некој нов интересен предмет што им се допаѓа.

Стаорците се смеат и при ситуација во којашто луѓето насмевката ја сметаат за исклучително човечка особина. Имено, верувале или не, стаорците се смеат од учтивост при запознавање или за придобивање наклоност. Смеењето на стаорците е вистинско и се регистрира како интензивно цивкање или поточно, тоа претставува високофреквентен ултразвук – цивкање со фреквенција од 50 килохерци. laugh

Клучни зборови: