Рубрика: Астрономија и астронаутика
Заблуди, измами и вистини: “Сината џамлија“ и рамноземјаните
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 30.07.2018 - 19:00

Слика 1 - сината џамлија

Приврзаниците на идејата за Рамна Земја (Flat Earth) се многу активни во последно време, особено на социјалните мрежи, кадешто ја трујат недолжната публика со малоумни “докази” во облик на кратки видеа кои, според нивните најави, “ја соборуваат официјалната наука којашто тврди дека Земјата е топка”. Е па, да анализираме едно такво рамноземјанско видео (прикажано подолу)

Видеото ја покажува познатата фотографија наречена The Blue Marble (слика 1), која ја прикажува Земјата снимена од екипажот на Аполо 17, кога биле на растојание од 29 000 km над Земјината површина. Фотографијата е направена на 70-mm колор филм (тогаш немало дигитални фотоапарати) со фотоапаратот Hasselblad 500 ELDC со 80-mm Zeiss објектив. Оваа слика е славна затоа што е една од ретките единечни фотографии што вака ја покажуваат Земјата, целосно осветлена, со Сонцето зад фотоапаратот, за да се гледа речиси целата Земјина хемисфера. Рамноземјаните тврдат дека фотографијата е лажна (комјутерски генерирана, Computer-generated Imagery – CGI), бидејќи во тој момент (10:39 UTC на 7.12.1972 год.) Земјата била осветлена на поголема површина од онаа што ја покажува фотографијата. Како поткрепа на тоа, дадена е и сликата од сајтот https://www.timeanddate.com/ кадешто е дадена симулација на осветленоста на Земјата на истиот датум и во истото време – слика 2. Да, точно е: фотографијата The Blue Marble покажува само дел од осветлената Земјина хемисфера – не се гледаат делови од Индија и од Јужна Америка, а на симулацијата тие се осветлени од Сонцето! Но, за жал на рамноземјаните, така и треба да биде!

Слика 2: Симулација на осветленоста на Земјата од Сонцето во моментот на фотографирање

Да ја погледнеме сликата 3, којашто покажува како Земјата е осветлена од Сонцето. Бидејќи Сонцето се наоѓа многу далеку од Земјата (150 милиони km), сончевите зраци се речиси паралелни и осветлуваат само половина од Земјината топка, односно тие осветлуваат 100% од Земјината хемисфера (полутопка). Всушност, во реалноста, осветлувањето е за малку поголемо, бидејќи Сонцето има огромен дијаметар (1,4 милиони km), па неговите зраци не се сосем паралелни и навлегуваат сосема малку и на другата Земјина хемисфера (0,46%). За да ја поедноставиме оваа анализа, наместо вкупна осветленост од 100% од првата хемисфера и 0,46% од втората хемисфера (или вкупно 100,46% што би рекле некои политичари), ќе земеме дека е осветлена само едната хемисфера (100%).

Слика 3: Скица за осветлувањето на Земјата од Сонцето (лево); Слика 4: Пресметка на процентот на осветлената хемисфера видлива од Аполо 17 во моментот на фотографирањето (десно)

Од сликата 4 можеме да пресметаме колкав процент од осветлената хемисфера ќе се гледа од точката кадешто бил Аполо 17 во моментот на фотографирањето. Средниот радиус на Земјата е приближно 6370 km, аголот α = 79° 37’, а оддалеченоста на Аполо 17 од Земјината површина е околу 29 000 km во моментот на фотографирањето. Од таква мала оддалеченост, нормално дека не може да се види целата Земјина хемисфера, туку само 82% од нејзината површина – токму колку што се гледа на фотографијата The Blue Marble! Така, рамноземјаните во желбата да докажат дека сликата Blue Marble е лажна и Земјата не е топка, всушност го докажале спротивното – фотографијата е вистинска и Земјата е топчеста!

Мала лекција од историјата за рамноземјаните и нивните сеприсутни CGI: во 1972 година, најсилен компјутер на светот бил Control Data Corporation CDC 7600, конструиран од Семјуел Креј (подоцна познат по суперкомјутерот Cray-1). Втор по брзина бил познатиот IBM System/360. CDC 7600 работел на тогаш фантастична брзина од 36,4 MHz (!!!) и имал РАМ меморија помала од 4 Мегабајти – не GigaB, туку MegaB!!! Да видам некој да се обиде да направи компјутерски генериранa слика на ваков “суперкомпјутер“! Во 1972 година исто така немало софтвер ни блиску до Фотошоп. Вообичаената реплика на ова од рамноземјаните е дека војската имала многу понапредни компјутери и софтвер. Арно ама немале, бидејќи американската војска нема свои производни погони – таа купува компјутери од приватни компании, евентуално компаниите склопуваат уреди по нивна спецификација. Истите такви приватни компании ги произведуваат, на пример, истите транзистори за воена и за цивилна употреба.

Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid028oyNe2ZFCvCnLU1Eo9u...

 

Наводниот доказ на рамноземјаните дека Сината Џамлија е лажна фотографија
Клучни зборови:
Слика 1 - сината џамлија

Слика 1: Фотографијата на Земјата направена од екипажот на Аполо 17, позната под името Сина џамлија (Blue Marble)

Слика 2 - осветленост на Земјата од Сонцето во моментот на фотографирање

Слика 2: Симулација на осветленоста на Земјата од Сонцето во моментот на фотографирање

Слика 3 - Скица за осветлувањето на Земјата од Сонцето

Слика 3: Скица за осветлувањето на Земјата од Сонцето

Слика 4 - Пресметка на процентот на осветлената хемисфера видлива од Аполо 17 во моментот на фотографирањето

Слика 4: Пресметка на процентот на осветлената хемисфера видлива од Аполо 17 во моментот на фотографирањето